Претстојниот празник на заштитникот на лозарите и винарите Свети Трифун, беше искористен како повод за организирање на крводарителска акција во винарската визба Тиквеш, се вели во соопштението.
Голем број вработени во винарницата, доброволно се приклучија кон оваа акција којашто традиционално, со децении наназад, се одржува во Тиквеш.
“Тиквеш е колектив со голема хуманост и несебичност. Тие се вградени во нашата компаниска култура и од нив тргнуваме кога ги осмислуваме бројните општествено одговорни проекти и активности коишто во континуитет ги спроведуваме. Истовремено, преку оваа крводарителска акција, вработените во Тиквеш покажаа дека хуманоста е дел и од нивниот личен кодекс на вредности, што несомнено е одлика на луѓе што знаат да го препознаат значењето на дарувањето крв, што е од непроценливо значење за животот“, изјави генералниот директор на винарската визба Тиквеш, Игор Илиевски.
Крводарителската акција во Тиквеш ја спроведе стручен тим од Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, а во нејзината реализација учествуваа и претставници на Црвениот крст, организација со којашто винарницата остварува долгогодишна соработка во реализација на различни хуманитарни активности и проекти.
“Дарувањето крв е привилегија на здравите и истовремено голема надеж за болните. Затоа, од огромно значење се ваквите акции со коишто се обезбедуваат и обновуваат неопходните залихи од крв. Вработените и менаџментот на Тиквеш уште еднаш на дело ја покажаа својата хуманост и дарувајќи крв овозможија да се спасат многу човечки животи, за што сите ние сме им благодарни“, изјави Димитар Каракулев, претседател на општинската организација на Црвениот крст – Кавадарци.