КСС: Механизам за брзо, ефикасно и финансиски поисплатливо вонсудско решавање на работните спорови

11

img_4648

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, денеска во хотелот Холидеј Ин Скопје, пред своето членство организираше настан на којшто промовираше механизам за мирно решавање на работните спорови, по мирен, вонсудски пат, со помош на помирувач, односно арбитер.

На настанот се информираше дека со воспоставениот механизам за успешно надминување на колективните или индивидуалните работни спорови се создава поголема законска сигурност и ефикасни процедури кои се од интерес на сите засегнати страни. Законот за мирно решавање на работните спорови стапи на сила во 2015 година, а сега се создадени и условите за негово ефективно применување. Во рамки на проектот Унапредување на социјалниот дијалог, а со целосна поддршка и соработка со Министерството за труд и социјална политика, и социјалните партнери, се овозможи подготовка на програма за обука, интензивна обука на помирувачи и арбитри, во која беа обучени 90 кандидати, а 50 од нив се здобија и со официјална лиценца од Министерството за труд и социјална политика. Постапката на мирно решавање работни спорови, е доброволна, им помага на страните во спорот на полесен, побрз и финансиски поисплатлив начин да дојдат до компромис, односно до решение за одреден проблем.

“Уште од самото формирање во 2005 година КСС го промовираше овој модел за мирно решавање на споровите и се залагаше за поефективна примена на арбитражата како своја заложба и идеја. Како резултат на огромното залагање и одличната работа на сите партнери вклучени во реализацијата на проектот, земјата доби нов механизам кој треба да им овозможи на лиценцираните помирувачи и арбитри ефикасно да ја применуваат законски утврдената постапка за мирно решавање на работните спорови, од што полза ќе имаат пред сè работниците и работодавачите, но и земјата во целина“, изјави претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Се информираше и дека во рамките на Министерство за труд и социјална политика е воспоставен електронски систем за управување со случаите, кој вклучува и регистар на лиценцирани помирувачи и арбитри, со што треба да се овозможи прецизно, навремено и поедноставно управување со работните спорови, од нивното иницирање, до нивното разрешување.

Настанот имаше и едукативен карактер за членството со цел тие да бидат подобро информирани и запознаени со правата и можностите. Се наведе дека Помирувач е лице што им дава помош на страните во колективниот спор со цел да склучат спогодба за решавање на спор, по повод склучување, измена, дополнување или примена на колективен договор, остварување на правата на синдикално организирање и штрајк.

Арбитер е лице, трета независна страна, кое врз основа на фактите и аргументите на двете страни (работник и работодавач) во спорот донесува обврзувачко решение, поврзано со предметот како откажување договор за вработување или неисплата на плата. Министерството за труд и социјална политика ги покрива целокупните оправдани трошоци на постапката за мирно решавање на работните спорови.

Настанот беше во организација на проектот Унапредување на социјалниот дијалог, што го финансира Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот, како дел од промотивната кампања за синдикатите. Досега, во рамки на овој проект, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија доби техничка поддршка во зајакнување на капацитетите за колективно договарање, претставување на конфедерацијата и привлекување нови членови.