Купопродажби со недвижности од 251 милион евра во четвртиот квартал лани

65

Во четвртиот квартал од 2021 година, во базата на Регистарот на цени и закупнини, се евидентирани 8.586 трансакции, од кои 6.470 продажби на недвижности и 2.116 закупи на недвижен имот.

Регистрираните купопродажби се во вредност од 251 милион евра. Конкретно, направени се 5.447 продажби во вредност од 194 милиони евра, 956 купопродажби од инвеститор во износ од 56 милиони евра, седум лицитации од 0,2 милиони евра, како и 60 откупи од државата од 0,4 милиони евра. Во однос на четвртиот квартал од 2020 година во последниот квартал од 2021 имало 1800 повеќе купопродажби, а споредено со третиот квартал од 2021 има намалување за околу 600.

Според податоците на Катастарот, регистрираните 2116 закупи во последниот квартал лани биле во вредност од 856.694 евра. Најмногу од закупите се на станови – 613, во вредност од над 145.000 евра, по што следат тие на куќи – 350, од 72.714 евра. Закупени биле и 792 државни парцели за над 400 илјади евра, 48 индустриски објекти за над 68 илјади евра, 222 земјоделски земјишта за над 32.000 евра, 51 градежно земјиште за 11 957 евра, како и 18 закупи на гаражи за 7.858 евра.

Во последниот квартал лани се запишани и вкупно 2.557 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 1.104.743.956 евра и 10.248.009.786 денари. Во Центарот за катастар на недвижности Скопје се впишани 918 хипотеки, во вредност од 432.060.660 евра и 5.948.942.604 денари. Во останатите 29 катастарски оддели се регистрирани 1639 хипотеки, во вредност од 672.683.296 евра и 4.299.067.182 денари.

Сумираните податоци за 2021 година, пак, покажуваат дека во периодот јануари – декември во базата на Регистарот на цени и закупнини се внесени 33.270 трансакции, од кои 25.010 продажби на недвижности во вредност од 914 милиони евра и 8.260 закупи на недвижен имот. Има зголемување за 8.000 трансакции, во однос на 2020 година кога имало 25.232, од кои 18.755 продажби на недвижности и 6.477 закупи.

Во периодот јануари – декември 2021 година, пак, се запишани вкупно 8.386 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 1.997.252.023 евра и 15.824.963.591 денар. И по тој основ има раст на годишно ниво со оглед дека во 2020 година имало 7 649 хипотеки, во вредност од 2,38 милијарди евра и 11,33 милијарди денари.

Катастарот ја завршил 2021-ва година со вкупно 1300 нерешени предмети, од кои 784 се во Центарот за катастар на недвижности Скопје, а 515 во останатите 29 катастарски одделенија. Вкупниот број нерешени предмети се за околу 300 помалку споредено со истиот период од претнодната година.

Во Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба, пак, до крајот на декември 2021 година потврдени се 436 делови од згради, 99 катастарски парцели и 304 инфраструктурни објекти.