Купуваат евтина руска нафта, а потоа ја препродаваат на Запад

139

Индија во моментов нашироко ја користи можноста за увоз на евтина руска нафта, но тамошните рафинери ја користат за да заработат дополнителни пари со извоз на деривати на Запад.

Дојче веле ги истражуваше тврдењата за увозот на енергија од Индија оваа година, особено од избувнувањето на војната во Украина.

40 проценти попуст

На социјалните мрежи се вели дека Индија купува руска нафта со попуст од 40 отсто во однос на пазарната цена. Тоа тврдење е точно, посочува ДВ. Од руската инвазија на Украина на 24 февруари, индиските рафинери на нафта го зголемија увозот на руска нафта.

Според податоците на Финскиот центар за истражување на енергија и чист воздух (CREA), до мај уделот на Индија во извозот на руската нафта скокнал од 1 на 18 отсто. Индија сега увезува повеќе нафта од Русија отколку од претходните водечки добавувачи, Саудиска Арабија и Ирак.

Една од причините за ваквото значително зголемување е тоа што Индија договори значително пониска цена отколку што е на пазарот. Вториот е големиот пораст на побарувачката за нафтени деривати во таа голема земја.

Според проценките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), моменталната потрошувачка на Индија од 4,7 милиони барели дневно ќе порасне на 5,15 милиони барели до следната година. Најголем дел од таа нафта ќе доаѓа од увоз – Индија произведуваше 770.000 барели дневно во 2020 година, според статистичкиот извештај на британската нафтена компанија БП. Тој извештај покажува дека Индија е веќе трет најголем потрошувач на енергија во светот. До 2045 година побарувачката на нафта во таа земја треба да достигне околу 11 милиони барели дневно.

Но, се поставува прашањето, дали целата таа нафта од Русија завршува во резервоарите на индиските возила? Доминик Леман, член на германската партија Die Linke, тврди дека Индија продава дел од својата преработена нафта во форма на бензин и дизел на САД и на Европската унија.

„Тоа е капитализмот во својот најдобар случај“, саркастично додаде Леман.

Во моментов не е можно да се докаже тоа тврдење. Сепак, податоците од индиското Министерство за трговија покажуваат значителен извоз на нафта во април и мај, од 8,9 милијарди долари минатата година на 16 милијарди долари. Ова ја наведе CREA да заклучи дека индиските рафинерии преработуваат руска нафта. Со ова се согласи и консултантската компанија Ристад енерџи во својот извештај од 20 јуни, пренесува Телеграф бизнис.

„Очекувањата дека руската нафта тешко ќе се тргува на меѓународниот пазар не се остварија бидејќи пратките беа пренасочени на алтернативни пазари. Иако трошоците за финансирање на ваквите пратки значително се зголемија поради исклучувањето на Русија од западниот финансиски систем, попустот на руската нафта е премногу атрактивен за некои рафинери да го игнорираат.

Како и иранската нафта во минатото, штом руската нафта ќе се рафинира, ќе биде практично невозможно да се разликуваат тие барели од другите кога повторно ќе влезат на меѓународниот пазар“, се вели во извештајот на Ристад енерџи.

Податоците на Министерството за трговија покажуваат и дека извозот на нафта во ЕУ во април бил вреден една милијарда евра, додека една година претходно тој извоз изнесувал 287 милиони евра. Северна Америка исто така го зголеми увозот на нафта од Индија. Во април, таа ставка беше вредна 435 милиони долари, во споредба со 220 милиони долари една година порано, пренесува Пословни.хр.