Купувањето на грчки обврзници завршува денес

34

Според предвидувањата, програмата за откуп на дел од огромниот грчки јавен долг, која беше услов за продолжување на кредитирањето од Европската унија и од Меѓународниот монетарен фонд, завршува денес. Оваа изјава ја даде претставник на грчкото Министерство за финансии. Грција ја започна програмата на трети овој месец.

“Потврдувам дека купувањето на обврзници ќе заврши во 17 часот по Гринич, а Агенцијата со управување со долгот, потоа ќе издаде соопштение”, изјави неименуван извор.

Учесниците во програмата ќе добијат шестмесечни записи издадени од Европскиот фонд за финансиска стабилност, во вредност од десет милијарди евра. Вкупно 20 серии грчки обврзници со номинална вредност од 62,3 милијарди евра е прифатливо за откуп.

Минатата недела ЕУ и ММФ се договорија за исплата од 43,7 милијарди евра во Атина во четири транши, од декември до март, со што Грција би избегнала банкрот, доколку ја спроведе шемата за откуп на обврзници.