Купувате скапи мобилни уреди? Направете осигурителна полиса за да не ве “боли глава“

877

Пукање на екранот на мобилниот телефон е најголемиот страв на сите сопственици на скапи телефони, а вториот страв се длабоките гребнатини. Дали сте имале ситуација да го купите мобилниот телефон и веќе наредниот ден да ви падне и да го искршите?  Или пак ви го подариле телефонот и при првиот допир да ви падне и да се искрши?

Овие ситуации се многу чести во секојдневниот живот кај македонските граѓани, особено и кај највнимателните. Токму поради овие ситуации, каде сте купиле телефон со цена над 50.000 или пак поголема сума, тука настапуваат осигурителните компании. Ова во САД е редовна процедура којашто ја нудат при нов договор со некоја од телекомуникациските оператори. Ако месечната претплата во САД за 24-месечен договор изнесува 100 долари за телефон со сите бенефиции, се доплаќа 10 долари. Тие додатни 10 долари месечно се сума којашто ја покриваат гаранцијата за случај од непредвидена ситуација. Пример, со кршење на стакло или пак друго уништување на мобилниот телефон.

Триглав осигурување во Македонија преку апликација воведе осигурителна гаранција на мобилните телефони

Една од првите компании, Триглав осигурување во 2018 година воведе осигурување од предизвикана штета на мобилен телефон. Со купување на уред од овластен партнер на Samsung, корисникот добива можност еднаш да го поправи случајно оштетениот екран за фиксна цена во првите 12 месеци. Цената е 99 евра.

Оваа специјална понуда важеше за сите Galaxy S8|S8+ уреди купени до 31/03/2018 и успешно регистрирани на оваа страница. Регистрацијата на уредот треба да биде направена во рок од седум дена од датумот на купувањето. Целиот процес се одвива електронски преку апликацијата Мондиал Веб со правење осигурителна полиса. Оваа услуга може да се користи само со приложена полиса за осигурување и доказ за купопродажба (сметка). Дополнителната услуга покрива случајно физичко оштетување на екранот направено од испуштање на телефонот или некоја друга случајна активност. Случајно оштетување на уредот направено од удар или случајно оштетување од надворешна сила. Во случај на штета потребно е да се пријави преку образец којшто ќе се наведе: барање за отштета и копија од доказот за купување на осигурениот уред, кој што содржи идентификациони податоци за уредот.

Осигурителните компании Уника и Еуролинк со понуда до корисниците за осигурување на мобилните уреди

Правилата на Уника во врска со осигурувањето се однесуваат на осигурителна заштита на нов мобилен телефон (уред) само и исклучиво на екранот. Доколку дојде до негово оштетување како резултат на настанување на непосреден ненадеен случај или пак непредвидлив случај на човечка волја, во услови кога осигурениот предмет се оштетува од пад или удар.

Осигуреникот има право на покритие за само еден штетен настан за времетраење на осигурителното покритие. Односно со исплата на штетата, осигурувањето престанува да важи. Надомест од осигурувањето се утврдува во висина на стварната штета на оштетениот екран на мобилниот телефон (уред) утврдена од страна на овластениот сервис, но најмногу до висината на осигурувањето, намалена за износ на задолжителното учество во штета во висина од 20% од висината на утврдената штета, но не помалку од 20 евра во денарска противвредност.

Осигурувачот е во обврска да ја надомести штетата која настанала само врз екранот на мобилниот телефон (уред). Сите други можни оштетени делови на уредот како што се, матична плоча, заден дел, камера, звучник, батерија, меморија и останати составни компоненти на уредот, осигурувачот не е во обврска да ги надомести.

Правилата на Еуролинк во врска со осигурувањето се однесуваат на уредите на Т – Мобиле. Осигурувањето започнува во 24:00 часот на денот наведен како почеток на осигурувањето во потврдата за осигурување. Условите и карактеристиките на производот се дефинирани од осигурителната компанија Еуролинк осигурување АД Скопје, а плаќањето се реализирано на 24 месечни рати преку телефонска сметка. Типот на осигурителниот пакет којшто може да се активира зависи од основната цена на купениот уред, без дополнителни попусти и бенефиции.

Осигурувањето се склучува според Општите услови за осигурување на имот и Дополнителните услови за осигурување на електронска опрема на Еуролинк осигурување.