Куртхан Апајдин: Ние не продаваме само дом, ние нудиме уникатен животен стил

3835

Реномираната и светски позната градежна компанија Limak Group, во Скопје го гради мултифункционалниот комплекс Diamond of Skopje.

За тоа како се одвива изградбата, какви се македонските клиенти, по кои цени се нудат становите и деловниот простор, каков архитектонски печат и стил на живеење ќе понуди овој комплекс, разговаравме со главниот извршен директор на Limak Скопје, Куртхан Апајдин.

Вкупната инвестиција е над 250 милиони евра. Компанијата е рангирана на 67-мо место меѓу најдобрите 250 градежни компании, а нејзиното богато портфолио вклучува изградба на аеродроми, пристаништа, автопати, хидроцентрали, фабрики, индустриски објекти, гасоводи, угостителски и туристички објекти.

Бизнис Инфо: Limak Construction е рангиран на 67-мо место на листата на 250 најдобро градежни компании. Што е клучно за ваков интернационален успех?

Основана во 1976 година, од двајца млади инженери, силната посветеност и напорна работа, потрага по постојан успех, квалитет и обид да се направи “подобро“ за да се исполнат и надминат очекувањата, беа клучни фактори за компаниите од Limak Group.

Да се биде една од најголемите бизнис групации во Турција, работејќи во 17 земји во светот со повеќе од 60.000 вработени во различни сектори, од градежништво до енергетика, инфраструктура и туризам, преку цемент, храна и авијација, Limak е дел од тековните мега проекти во Турција, вклучувајќи ги аеродромот Istanbul Grand Airport и мостот Dardanel 1915. Активен во Турција и многу други земји, како што се Русија, Украина, Косово, Албанија, Пакистан, Саудиска Арабија, Кувајт, Мозамбик и Брег на слонова коска, Limak доби договор вреден 4,3 милијарди долари за изградба на International Airport New Terminal во 2016 година во Кувајт, што претставува и најголем тендер добиен во странство од еден турски изведувач. Над 100 проекти со вкупна вредност од над 10 милијарди долари, почнувајќи од аеродроми и пристаништа, преку брани и постројки за наводнување, експресни патишта и гасоводи, индустриски објекти и нафтоводи, објекти за одмор и комплекси за домување, Limak е меѓу најголемите меѓународни градежни компании во светот.

Проекти што го одбележуваат Limak:

  • Аеродром – IGA Istanbul Grand Airport: завршена прва фаза (еден од најголемите аеродроми во светот),
  • Аеродром – Kuwait International Airport Terminal 2: дизајниран од Foster&Partners, има за цел да добие златен сертификат,
  • Хидроцентрала Yusufeli – трета највисока брана во светот со висина од 275 метри.
  • Limak Construction доби награда за изградба и пуштање во употреба на објект на Централна банка на Република Турција во Истанбул, којашто ќе биде највисоката зграда во Европа со висина од 360 метри.

Во Limak ние веруваме дека “секое позитивно влијание што го креираме за земјите во коишто работиме ќе има корист од нашиот бизнис и ќе овозможи долгорочна одржливост“. Затоа, во Limak, ние се фокусираме на тоа нашиот бизнис и инвестициите да придонесат за создавање позитивни ефекти врз земјата и нејзините луѓе.

За таа цел, ја основавме Limak Foundation во 2016 година за стратешко управување со социјалните инвестиции на Limak Group. Во нашето портфолио, имаме бројни проекти и иницијативи во Турција: Девојки инженери на Турција; SDG Impact Accelerator; Limak Philharmonic Orchestra; TEA – прва акцелераторска програма за стартапи од областа на енергетиката; најголемо училиште за хендикепирани деца и различни програми во образование; здравство; спорт и слично. Во странство, исто така, инвестираме во идните генерации на земјите во коишто работиме, преку најразлични видови на активности. На пример, во Кувајт организираме Девојки инженери во Кувајт, како и платформа за економска поддршка на жените во оваа земја. Во Сенегал, LAS Academy, тренинг центар за аеродромски услуги. Во Косово имаме два различни проекта: KEDS Academy и Limak ASI.

Во рамки на одржливоста, Limak е активна компанија не само во бизнисот, туку и во нејзините напори за негова одржливост. Нашиот прв извештај за одржливост беше објавен во 2014 година и бевме меѓу првите компании од секторот во Турција што објавуваат таков извештај. Секоја година редовно го објавуваме овој вид на извештаи, а оваа година го објавивме извештајот под наслов: For a Better World: Walk the Talk – Assessing Limak’s Performance from Sustainability Rhetoric to Action, што ги проценува своите цели за одржливост од 2014 до 2019 година, согласно одржливите развојни цели на Обединетите нации.

Настојуваме да реализираме повеќе проекти на глобално ниво, прифаќајќи ги целите за здрав и одржлив развој, како и општествената одговорност на нашиот менаџмент.

Бизнис Инфо: Што ќе понуди Diamond of Skopje како станбен и деловен комплекс? По што ќе се издвојува од она што сме навикнати да го гледаме во Македонија?

Diamond of Skopje е уникатен. Нуди најдобра локација, најдобар квалитет, најдобар поглед и најдобра можност за инвестирање во Северна Македонија.

Нашиот комплекс опфаќа голем трговски центар, на бруто површина од 45.000 метри квадратни, хотел Limak Skopje Hotel со пет ѕвезди што располага со 142 соби и Chiva Spa, канцеларии од А класа, домашни канцеларии и 772 единици за резиденти со четири кули и 3.200 затворени паркинг места. Вкупната инвестиција е над 250 милиони евра. За време на изградбата ќе бидат ангажирани до 1.200 работници. По завршување на изградбата, околу 5.000 луѓе ќе живеат и работат во Diamond of Skopje.

Diamond ја опфаќа втората по големина зелена површина во Скопје, веднаш зад Градскиот парк, со околу 11.000 метри квадратни тревна површина, со цел да се обезбеди безбедна и одржлива рекреација и место за спорт, во непосредна близина на жителите. Имаме различни големини на станови со цел да се задоволат различни потреби, од 42 до 105 метри квадратни, Diamond нуди 1+1 до 2+1, 3+1 станови. Горди сме што дизајнот е модуларен, што значи дека може да се комбинира стан 1+1 и 3+1 за да имате резиденција од 4+1. Нашите архитекти, исто така, развија ефикасен простор за живеење, што ја максимизира искористеноста на просторот за да го оправдаат секој платен денар.

Ние не продаваме само дом за луѓето, ние нудиме уникатен животен стил за нашите ценети клиенти и ова е нешто на што сме целосно посветени.

Бизнис Инфо: Последниве неколку години се изменија состојбите на пазарот на недвижности во земјава. На страната на понудата сега има многу повеќе станови за продажба на пазарот. По кои цени се нудат становите и деловниот простор и колкав е интересот, колкав дел е распродаден?

Diamond of Skopje нуди луксузен живот во центарот на градот. Нашите единици за престој имаат почетна цена од 1.420 евра за метар квадратен. Точно е дека има многу станови за продажба на пазарот, но Diamond of Skopje се разликува од останатите, поради гореспоменатите предности. Ние нудиме животен стил што им одговара на потребите на луѓето и го подобрува квалитетот на нивниот живот. Интересот за нашиот проект е огромен и постојано расте. Имаме клиенти од целиот светот, нашите клиенти не се само од Северна Македонија, туку и од Германија, Австралија, Србија, Словенија, Хонгконг, Катар, Велика Британија и Турција.

Свесни сме дека Diamond of Skopje ќе ја обезбеди вредноста за своите жители, во склад со соседството и заедницата. Веќе станавме како семејство со нашите клиенти и сме посебно горди на тоа.

Бизнис Инфо: Зошто, според вас, купувањето стан во Diamond of Skopje, е паметна и долгорочна инвестиција за граѓаните?

Diamond of Skopje е во срцето на градот. Бидејќи не може да се промени местото на срцето во човечкото тело, локацијата на Diamond е беспрекорна во убавото Скопје. Покрај тоа, јас силно верувам дека купувањето дом во Diamond е мудра и безбедна долгорочна инвестиција за Северна Македонија, имајќи ги предвид ниските каматни стапки во денари и евра. Diamond нуди високи и конкурентни приноси, во однос на продажба и изнајмување. Вредноста на ваков брендиран недвижен имот ќе ја зголеми и интеграцијата во Европската унија и НАТО, што веќе почна да привлекува голем број мултинационални инвеститори и иселеници, како што се случи и во главните градови на другите балкански земји за време на нивната интеграција во ЕУ.

Бизнис Инфо: Какви се преференциите на македонските купувачи? Што има предност при избор на стан – дали тоа е цената, квалитетот на градбата, енергетската ефикасност…?

Македонските клиенти имаат прилично многу барања и познавање кога купуваат дом, покажува нашето искуство. Тие се интересираат за сите детали при нивната посета на нашата канцеларија за продажба, како што е енергетска ефикасност на објектот, нивото на децибели на столаријата/внатрешните врати, видот на паркетот, фасадата и слично. Тие, исто така, прашуваат за висината и погледот на нивниот стан. На нашата интернет страница може да се види погледот кон Водно или Шар Планина со цел да се исполнат различни барања на секој кат. Забележавме дека го ценат квалитетот кога прават споредба со цената.

Посебно ни е драго што имаме високо свесни клиенти бидејќи тие гледаат како Diamond ќе се развие меѓу останатите места за живеење во Македонија. Воодушевени сме кога ќе видиме дека нашите клиенти се сигурни што направиле стилски избор за живеење и паметна инвестиција.

Бизнис Инфо: Кога се очекува вселување на првите станари и првите клиенти во Diamond of Skopje?

Нашите први соседи во Diamond ќе се вселат на пролет 2022 година, во западните кули. Домувањето во источните кули ќе почне на есен 2022 година.

Бизнис Инфо: Дали ситуацијата со пандемијата ги помести плановите за реализација на проектот, како се одвива динамиката на изградба, дали ќе го завршите проектот во предвидениот рок?

Како и сите бизниси и ние се соочивме со предизвикот уште на самиот почеток на пандемијата. Сепак, многу брзо се прилагодивме на новото нормално. Здравјето и благосостојбата на нашиот тим, подизведувачи и добавувачи се наш главен приоритет. Поради оваа причина, презедовме сериозни мерки на претпазливост во текот на нашите дневни и канцелариски рутини. Воведовме работа од дома онаму каде што е применливо, ги заменивме нашите внатрешни и надворешни состаноци лице в лице со онлајн платформи, ги дезинфицираме нашите канцеларии и затворени простории, користиме средства за дезинфекција на раце, се користи прибор (чаши-чинии) за еднократна употреба, маски за лице за еднократна употреба, средства за дезинфекција и секојдневно проверување на температурата на целиот тим.

Инсталиравме специјални сертифицирани прочистувачи кои го дезинфицираат воздухот во канцеларијата за продажба. Редовно ги дезинфицираме сите површини и го прочистуваме воздухот со генераторите на озон за безбедноста на нашиот посетител.

Во целина, додека ги преземавме горенаведените мерки на претпазливост, ние не застанавме ниту ги одложивме нашите градежни работи, дури ни еден ден. Како тим, ние сме посветени да го реализираме проектот безбедно на време и квалитетно.

Бизнис Инфо: Во изградбата на комплексот се вклучени повеќе македонски градежни компании, голем број на стручни работници, локални градежни експерти, луѓе од Институтот за сеизмологија. Како ќе ги опишете македонските работници?

За време на изградбата на Diamond, досега, во просек над 80% од работната сила е од локалното население. Локалните професионалци, експерти и работна сила додаваат вредност на нашиот проект со својата компетентност. Како и да е, морам да признам дека не беше лесно за нас, нашите подизведувачи / добавувачи да ги регрутираат овие локални таленти, бидејќи постои општа тенденција младите професионалци да ги бараат и истражуваат можностите надвор од Македонија. Diamond е уникатен проект во регионот и ние привлекуваме најдобри таленти и работна сила во нашиот тим, затоа што сите тие знаат дека стекнувањето искуство во  мултинационално опкружување со предизвикувачки опсег на проектот ќе го разликува нивниот развој во кариерата, и технички и социјално.

Бизнис Инфо: Локацијата на која градите чува едно обележје од земјотресот 1963 година. Како е сеизмички обезбеден овој комплекс?

Да, Старата железничка станица е симбол на разорниот земјотрес во 1963 година. Нашиот структурен дизајн се изведува според најразвиените меѓународни и македонски спецификации и стандарди. Соработувавме со професори и експерти на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), не само со дизајн, туку и со чести посети на терен. Покрај тоа, ние работиме со меѓународни консултантски структурни / геолошки консултанти за безбедно спроведување на работите на локацијата. Ние користиме најголеми количини на дијафрагма ѕидови, и не правиме компромис за факторите за квалитет и безбедност.

Бизнис Инфо: Дали Limak планира друга инвестиција во блиска иднина во земјава?

Ја сакаме Македонија, земјата, народот и нашата заедничка историја повеќе од 600 години ги направи нашите култури многу блиски. Ние ја видовме Македонија како долгорочен и постојан дом. Се чувствувам благословен што сум сведок на историското патување на Северна Македонија кон Европската унија, при што реформите се спроведуваат за создавање инклузивно население, со еколошки здрави, ефикасни и одржливи пристапи. И оттаму, постојано ги истражуваме можностите за општи договори или инвестиции во јавни проекти.

Фото: Борче Поповски