Кувајт го намали производството на сурова нафта поради виша сила

Кувајтската нафтена корпорација (KPC) денес активираше клаузула за виша сила и започна со намалување на производството на сурова нафта, објави Ројтерс.
Клаузулата за виша сила ги ослободува договорните страни од одговорност доколку обврските поврзани со испораката на стоки не се исполнети поради настани надвор од нивна контрола.

Не е познато за колку KPC ќе го намали производството.

Соопштението што го виде Ројтерс не ги содржеше овие информации, а компанијата не даде коментар за новинската агенција.

Во февруари, Кувајт произведуваше околу 2,6 милиони барели сурова нафта дневно.

Во известувањето се наведува дека намалувањето е превентивна мерка и ќе биде разгледано во зависност од развојот на ситуацијата, како и дека компанијата е подготвена да ги врати нивоата на производство штом условите дозволат.

Компанијата соопшти дека прогласила виша сила поради експлицитните закани на Иран за безбедното поминување на бродовите низ Ормутскиот теснец, тековните напади на Иран врз Кувајт и „скоро целосниот недостаток“ на бродови во Персискиот Залив достапни за превоз на сурова нафта и деривати.

Претходно, Ирак и Катар го намалија производството на нафта и гас, бидејќи војната меѓу САД и Иран ги блокираше испораките од Блискиот Исток осми ден по ред.

Војната го блокираше најважниот светски трговски пат за нафта, Ормутскиот теснец, кој ги поврзува Персискиот Залив и Оманскиот Залив, и преку кој се транспортира околу 20 проценти од светската нафта и течен природен гас.

Аналитичарите проценуваат дека Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија наскоро ќе мора да го намалат производството на нафта кога ќе им снема простор за складирање.

KPC е главен извозник на нафта во Азија и главен извозник на авионско гориво во Северозападна Европа.

Војната меѓу САД и Израел против Иран се прошири надвор од границите на Иран, а Техеран одговори со напади врз Израел и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американските воени бази.