Кварталната добивка на Amazon ја надмина границата од 2 милијарди долари

35

Фото: Pixabay

Најголемата платформа на светот за онлајн продажба, Amazon, за прв пат ја надмина границата од 2 милијарди долари што се однесува до кварталните профити, пишува CNBC. Резултатот е поттикнат од зголемениот број претплатници, подобрените cloud –услуги, како и рекламниот бизнис.

Amazon вчера објави дека во последните три месеци, заклучно со јуни, остварил чиста добивка од дури 2,5 милијарди долари, што претставува импресивен раст во однос на 197 милиони долари во истиот период лани.

Ова е трет последователен квартал кога добивката на Amazon ја надминува границата од една милијарда, што секако е неверојатен успех, ако се знае дека компанијата голем дел од своите пари ги реинвестира.

За разлика од профитот, приходите од продажбата не растеа со очекуваното темпо. Тие изнесуваат 52,9 милијарди долари во овој квартал, што е 39% повеќе во однос на истиот период лани, но сепак, нешто помалку од она што го предвидуваа инвеститорите од Wall Street.