
Компанијата Тесла ги објави своите квартални резултати, според кои, поради зголемената конкуренција и неповолните економски перспективи, растот на продажбата бил многу скромен и покрај намалените цени на возилата.
Производителот на автомобили во првите три месеци од годинава испорача 422.875 возила, односно за четири отсто повеќе во споредба со претходниот квартал. Оваа бројка е за 36 отсто поголема во споредба со истиот период лани. Илон Маск во јануари изјави дека испораките на возила на Tesla оваа година би можеле да достигнат два милиони, или 52 отсто повеќе од минатата година, пишува Ројтерс.
Инвеститорите ја следеа ризичната одлука на Маск да ги намали цените за да ја зголеми продажбата, загрижени за намалувањето на маржите.
Компанијата Тесла во јануари, бидејќи не го постигна бројот на испораки предвидени од аналитичарите од американските берзи, ги намали своите цени на глобално ниво за околу 20 отсто. Така, основниот Model Y, кој се продаваше за 65.990 долари, сега чини 54.990 долари.
„Да не ги спуштија цените ќе се нашле во непријатна ситуација. Компанијата покажа забрзување, но не беше толку колку што предложи Маск“, рече партнерот на Deepwater Asset Management, Џин Манстер.
Фото: Pixabay











