Рускиот производител Avtovaz ги отвори нарачките за унапредената Lada Niva Bronto, позната како 4х4 Bronto во Русија, која е уште порадикална верзија на безвременскиот оф-роуд модел.
Моделот Niva e на пазарот од 1977 година, притоа постојано доживувајќи некои мали унапредувања. Bronto верзијата го започна својот живот како афтермаркет тјунинг пакет, а на крајот прерасна во фабричка опција откако Avtovaz ја презеде компанијата. За да не дојде до забуна, Niva Legend и Niva Bronto се базирани на старата шасија, додека постои и понова Niva Travel, која е целосно друг модел базиран на поранешниот Chevrolet Niva.
Кон крајот на минатата година, Lada го најави крајот на производството на овој “хардкор“ Niva Bronto модел. Сепак, побарувачката на купувачите за „оф-роуд“ верзијата на култниот SUV остана висока и рускиот производител реши да го врати во живот ова лето. Затоа, Lada сега го претстави освежениот Niva Bronto со унапредувања кои се фокусирани воглавно на кабината.
Niva Bronto ќе се продава во две верзии – Luxe и Prestige, каде првиот нуди метални браници и 15-инчни тркала, додека Prestige тримот додава помускулести пластични браници, странична заштита, како и големи сводови над тркалата, магленки и специјална решетка за ладилникот. Двете варијанти можат да се опремат со сертифицирана опрема, вклучително LED светлечка лента на покривот и специјална камуфлажна боја на екстериерот.
Најголеми промени во ентериерот
Во кабината се наоѓа новиот инструмент кластер, модифицирана централна конзола со нови контроли за клима-уредот, нови и поудобни седишта со функција за греење и унапредена звучна и вибрациска изолација. Од Lada објавија само една фотографија од моделот, а овие кои ги гледате во прилог се од 2017 моделската година, но не би требало да има голема разлика кога станува збор за екстериерот.
Моќноста и понатаму се добива преку бесмртниот 1,7-литарски природно аспириран бензински мотор кој испорачува 84 КС и 129 Nm. Четири цилиндричната единица е поврзана со петстепен мануелен менувач, кој ја испраќа моќноста до сите четири тркала со заклучувачки преден и заден диференцијал. Niva Bronto исто така е поставена на модифициран и засилен систем на потпирање.
Целосно новата генерација на Niva, која ќе биде поставена на CMF-B платформата треба да пристигне во 2024 година, а првите тизери беа објавени претходно оваа година и се претпоставува дека би можел да добие 1,3-литарски турбо мотор од Renault.
Преземено од Avtoplus.mk