Лечење на далечина – хрватски тим развива апликација за лекарски преглед од дневна соба

109

Лекувањето на долги растојанија во некои земји во светот, како што се САД, Велика Британија или Австралија, не е новост, меѓутоа коронавирусот сега нè принудува да ги преобликуваме професиите низ целиот свет.

Ковид-19 ја создаде потребата за еДоктори. Една хрватска компанија веќе развива апликација којашто ќе им овозможи на лекарот и пациентот да водат видео и аудио комуникација, но така да може лекарот да ги препознае симптомите на пациентот и општата состојба.

Ова е особено корисно сега, кога луѓето, а посебно родителите избегнуваат да одат или да ги носат своите деца во здравствени центри затоа што ризикот од инфекција е голем. Од друга страна, сите знаеме колку само-истражувањето на интернет може да биде опасно и збунувачко, особено кога станува збор за лекови.

Модерната технологија, којашто влезе во сите сегменти од нашите животи, овозможува испорака на медицински услуги во реално време, пишува Пословни дневник. Иако оваа форма на комуникација не е нова, со оглед на употребата на Skype, специјалните апликации сепак може да дадат подобри резултати.

Инвеститорите го препознаа потенцијалот на телемедицината, па затоа сега е една од најбрзорастечките индустрии во светот. Fleksbit компанијата интензивно работи на пилот проектот еДоктор и тие комплетираа технолошко решение што може да биде од голема помош за да се спречи ширењето на вирусот корона.

Директорот на компанијата Fleksbit, Томислав Глигор вели дека иако коронавирусот сега е најголем проблем во сите земји, луѓето сè уште имаат и други здравствени проблеми. Не само што приматот му е даден на пациентот со корона, туку ризично е и да се оди во ординација на лекарот, така што е совршено паметно и иновативно да се направи лекарски преглед од вашата дневна соба.

“Онлајн прегледот ќе ја намали гужвата во чекалниците, што секако помага во сузбивање на коронавирусот, а исто така ги штити лекарите“, вели Глигор.

Тој додава дека апликациите за здравствена заштита се развиваат долго време, а од 2015 година има зголемување на инвестициите во развој на токму такви апликации. еДоктор е особено добра опција за лица со проблеми со менталното здравје или деца со нарушувања на говорот. Логопед може добро да ја заврши работата и преку ваква апликација.

Глигор вели дека пациентите на кои им е потребна физикална терапија би можеле да вежбаат дома, со стручен надзор на физиотерапевт. Интернет-консултациите би биле особено важни за настинки, вируси, разни болки, затоа што лекарот може да процени дали е потребно да се дојде во ординацијата на лекарот и да се направат некои специјални анализи, како што се земање на крв, рендген…

“еДоктор носи големи придобивки за лекарите и пациентите, особено оние кои живеат во рурални и ретко населени места“, заклучува Глигор, додавајќи дека овој интересен концепт е особено применлив во семејната медицина, педијатрија, психијатрија, дерматологија, физиотерапија.


Фото: Pixabay