Lego со нова кампања за брендот по цели 30 години

56

Групацијата Lego за прв пат по 30 години стартуваше кампања за познатиот бренд, насловена како Rebuild the world. Целта на истата е да ја поттикне новата генерација да ги негува креативните вештини, односно “одново да го изгради светот“.

Глобалната кампања е креирана од страна на француската агенција BETC и се состои од акционен филм каде што во главна улога се зајак и ловец кој го брка со лак и стрела. Низ целата приказна се користат разни Lego креации со коишто се пребродуваат предизвиците.

Целата композиција е во знакот на дводимензионалните фигури, од облека и автомобили, до дрвја и животни. Дури и луѓето се “движат“ како Lego коцки.

Секој лик е базиран на постоечка фигура и секојдневните предмети се со огромни димензии, пишува Ad Age.

За стартување на кампањата, компанијата склучи партнерство со музичкиот продуцент Марк Ронсон, британскиот дизајнер Доминик Вилкокс и 19-годишниот Дејви Агулар кој изработи вештачка рака од Lego коцки.

Групацијата ќе одржи и серија на специјални јавни настани во повеќе светски градови, каде што деца и возрасни ќе можат да “помогнат во изградбата на еден нов поубав свет“.

Фото: Lego