Летен камп за претприемачи на Галичица

4

startqube 2016

Летен камп за претприемачи и луѓе ориентирани кон градење бизнис или подобрување на своите бизнис вештини StartQube по втор пат ќе се одржи од 20-ти до 25-ти август на планината Галичица во Велестово, јавува Миа.

StartQube е збир на повеќе практични работилници кои се организираат во соработка со повеќе експерти, а идејата е учесниците да се запознаат со сите фази на креирање на успешен бизнис – од изработка на бизнис план и модел, анализа на пазарот, пристап до корисниците, пристап до инвестиции, pitching и сè што е клучно за креирање на одржлив бизнис.

Менторите на StartQube доаѓаат од цела Европа, а оваа година учесниците ќе имаат можност и да слушнат дел од успешните бизнис приказни од Македонија и регионот и да се запознаат со оние кои стојат зад нив.

Учесниците, како што информираат организаторите, ќе имаат уникатна можност покрај необичниот планински петдневен одмор, да бидат со менторите на настанот во текот на целиот камп и заедно да работат на развој на бизниси според методологиите на дел од најуспешните претприемачи кои веќе го имаат тоа искуство на градење бизниси.

Апликациите за StartQube 2016 се достапни на http://www.startqube.me/macedonia и одат по принципот Request Invitation.

Летниот камп е организиран од СТАРТАП ЗОНА, тимот кој стои зад веќе успешниот Codefest. Настанот е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост, на Швајцарската агенција за развој и соработка.