Лидерот треба да има моќ и способност да го сплоти тимот

66
bet
Бет Микелс, консултант за меѓународен и домашен развој на бизнисот, ефикасност на тимот и профитабилност на компаниите

Лидерот е важен за компанијата, а без човечките ресурси компаниите не можат да постигнат успех, смета Бет Микелс. Таа е консултант за меѓународен и домашен развој на бизнисот, ефикасност на тимот и профитабилност на компаниите. Микелс вчера беше гостин говорник на средбата на членовите на Gold, Silver и Bronze клубот на ЦЕЕД Македонија. На средбата беа споделени искуства во поглед на лидерството, приходите и профитот на компанијата, човечките ресурси и маркетингот.

БИ: Како го дефинирате лидерството?

Лидерот е личност која има визија да им помогне на вработените да ги разберат целите на компанијата. Лидерот треба да има моќ и способност да го сплоти тимот. Тие се луѓе кои се посветени и мотивирани да бидат успешни и да се грижат за своите вработени.

БИ: Дали има универзално правило како да се подобри ефикасноста на тимот?

Универзално правило можеби не постои, но мислам дека постои водич за ефективност на тимот, чија цел е да ја разбере целокупната мисија на компанијата, активно да учествува во изнаоѓање на решенија, да поставува прашања и да има чувство на задоволство од добро завршена работа.

БИ: Кој е најдобар начин да се мотивираат вработените?

Постојат две важни работи за мотивацијата на вработените. Првата се однесува на тоа да бидат препознаени и ценети за тоа што го работат, додека другиот важен фактор за мотивирање на вработените е тие да се чувствуваат дека се дел од големата слика во компанијата.

11

БИ: Колку маркетингот е важен за развој на бизнисот? Како во време на криза и со мал буџет за маркетинг компаниите можат да останат видливи на пазарот?

Маркетинг е исклучително важен, но јас мислам дека исто толку е важно компанијата да разбере кон кого и кон што цели на пазарот. Многу е важно да се издвојуваат по вредноста што ја нудат и кому ја нудат. Во денешно време се движиме кон дигитален маркетинг и социјалните медиуми кои помагаат подобро да се справат со овој вид на технологија. За малите бизниси најважно е да бидат онлајн видливи, бидејќи многу клиенти на прашањето како дознале за одредена компанијата, производи или услуга, ќе одговорат дека дознале преку Интернет. Еден од начините компаниите да се издвојат на пазарот е да бидат видливи онлајн и да имаат добри препораки, бидејќи постојат голем број луѓе кои пребаруваат компании како вашата.

БИ: Кога е вистинско време една компанија да понуди франшиза?

Голем е бројот на мали компании коишто сакаат да примат или да даваат франшиза. Многу сопственици би сакале да го направат тој процес што е можно поскоро, но важно е да бидат сигурни дека бизнисот ќе биде профитабилен, производот или услугата што се нуди е со врвен квалитет и нудат високо ниво на задоволство кај потрошувачите. При примањето или нудењето на франшиза важно е да се земе предвид целокупниот систем што подразбира процеси и програми што се веќе поставени.

БИ: Имате искуство во повеќе области – човечки ресурси, франшиза, стратегии и развој – кои се клучните фактори за успех на една компанија?

Примарниот индикатор за успех на една компанија се човечките ресурси и првенствено нивниот лидер. Многу ретко во праксата се случува да забележам компанијата којашто е успешна без добри вработени. Важна е и технологијата, но човечките ресурси се многу поважни.