Литванија ги прошири санкции против Калининград

19

Литванија денеска ги прошири трговските ограничувања на руската балтичка енклава Калининград низ нејзината територија, во согласност со санкциите на Европската унија против Москва. Од денеска на листата на забранети стоки се и цемент, дрво, алкохол и индустриски хемикалии на база на алкохол, соопшти портпаролот на царинската служба на Литванија.

Во петокот, Русија ги предупреди Литванија и ЕУ дека би можела да преземе строги мерки против нив доколку транзитот на стоки до и од Калининград не биде повторно воспоставен во рок од неколку дена.

Трговските ограничувања се заострија бидејќи владите, пазарите и компаниите се загрижени дека Русија би можела да го продолжи затворањето на најголемиот гасовод што носи руски гас до Германија за повеќе од 10 дена, како што е планирано за одржување.

Регионот Калининград, кој граничи со Литванија и Полска, членки и на ЕУ и на НАТО, и зависи од патниот и железничкиот транспорт на повеќето стоки преку Литванија, е отсечен од својата мајка Русија од 17 јуни поради санкциите воведени од Брисел.

Поради санкциите на ЕУ, оневозможено е и карго превозот од Русија. Стоките што спаѓаат во хуманитарната категорија и добрата од витално значење, како што е храната, се изземени од санкциите на ЕУ.

Европските претставници, со поддршка на Германија, се обидоа да постигнат компромис за калининградското прашање на крајот на јуни, но според извори на „Ројтерс“, Литванија имала сериозни резерви за секое решение што може да се протолкува како отстапка за Москва.

„Мораме да се соочиме со реалноста, (Путин) има поголема предност од нас. Во наш интерес е да најдеме компромис“, рече еден од изворите на последниот ден од јуни, додавајќи дека Калининград е свет за Москва и дека исходот од договорот веројатно ќе изгледа неправеден.

Едно од решенијата што беше спомнато беше дека сообраќајот меѓу Русија и Калининград не се смета за меѓународна трговија бидејќи е руска територија и врз основа на тоа треба да биде изземен од санкции, но потоа стоката да не се извезува, туку да се користи исклучиво во енклава.