Lufthansa се спаси, Германија го одврза ќесето

47

Акционерите на Lufthansa на вонредно генерално собрание го одобрија пакетот државна помош вреден девет милијарди евра. Претходно, Европската комисија одобри план за државна субвенција на Германија.

Според претходно утврдените услови за пакетот помош, Сојузна Република Германија стана нов акционер на Lufthansa со удел од 20%.

Германскиот вицеканцелар и министер за финансии, Олаф Шолц изјави дека одобрувањето е добра вест за авиокомпанијата, нејзините вработени и за Германија како работна дестинација.

“Сојузната влада со оваа финансиска помош ќе ја стабилизира оваа голема германска компанија која беше во добра кондиција и која поради влијанието од коронавирусот влезе во сериозни проблеми“, вели Шолц.

Министерот за економија, Петер Алтмаиер, исто така, реагираше на веста оценувајќи дека Lufthansa сега има перспектива и шанса да се фати во костец со најголемиот предизвик во својата историја.

До сега најголем акционер беше германскиот милијардер Хајнц Тиле, кој се противеше на влезот на државата во Надзорниот одбор. Меѓутоа, како и останатите други акционери, и тој потоа го одобри пакетот помош, што пак пазарот го поздрави со скок на акциите за една четвртина.

Фото: Pixabay