Луксузен хотел во Њујорк продава 80.000 предмети

70

Познатиот хотел Waldorf Astoria во Њујорк, којшто важи за еден од најугледните во светот, наскоро на продажба ќе понуди 80.000 предмети, пред почетокот на целосната обнова на објектот во чии апартмани и соби престојувала светска елита, предводена од политичари, актери и членови на кралски семејства.

“Многу предмети што ќе се најдат на продажба се дел од историјата, а ние сме посебно возбудени што ќе пронајдат нов живот во домовите на големи колекционери“, вели Ендру Милер, извршен директор на Daija US, во чија сопственост е хотелот.

Заинтересираните ќе може да купат класичен француски мебел од 19-от век, како и лустери изработени по мерка и концертно пијано со потпис на Steinway and Sons. Продажбата ќе трае две недели, од 17-ти октомври дом 15-ти ноември. Целиот приход од аукцијата ќе биде наменет за обнова на екстериерот, јавните простори и градини на црквата Свети Бартоломеј што се наоѓа спроти хотелот.

Големата обнова на хотелот започна уште во 2017 година, а се очекува вратите за гости хотелот да ги отвори за две до три години, кога ќе има 375 резиденции и исто толку соби, пренесува CNN.

Откако е отворен во 1931 година, хотелот бил нарекуван “неофицијална палата“ во којашто престојувале славни личности, како што се Грејс Кели, Френк Синатра, како и бројни американски претседатели меѓу кои и Барак Обама.

Некои членови од елитното друштво дури и живееле во тој хотел, а меѓу нив се композиторот Кол Портер и војводата од Виндзор, Едвард Осми и неговата партнерка Валис Симпсон.

Фото: Facebook