Mahindra продаде 100.000 теренци за 30 минути

457

Спортското теренско возило (SUV) Scorpio-N од Mahindra & Mahindra, еден од најголемите индиски производители на автомобили, постигна неверојатен успех на домашниот пазар со 25.000 продадени единици за помалку од една минута по започнувањето на продажбата, објави порталот „Карскупс“.

Нападот на онлајн купувачите предизвика пад на веб-страницата на производителот на автомобили во рок од 55 секунди, што наводно одбило голем број потенцијални купувачи кои сакаа да резервираат своја копија од промотивната серија.

Вкупно, Mahindra обезбеди над 100.000 нарачки во првите 30 минути од отворањето на продажбата. Бидејќи секоја резервација за купување вклучувала задолжителен депозит од 18.000 рупии (227 долари), компанијата за половина час генерирала вкупно 22,7 милиони долари, пренесе „Раша Тудеј“.

Моделот Scorpio-N, кој компанијата го нарекува „големиот татко на теренците“, е најновата верзија на Mahindra на својот теренец Scorpio со модерен дизајн и врвна технологија.

Моделот беше најавен минатиот мај, официјалното деби го имаше во јуни 2022 година, а продажбата започна дури во август.

Јагма меѓу потенцијалните купувачи може да е резултат на релативно ниската цена што Mahindra ја одреди за промотивната серија на новиот SUV која се движи од 15.178 до 24.673 долари, во зависност од пакетот технолошки компоненти.

Од компанијата најавија дека цените на следната серија ќе бидат повисоки.