Мајкрософт нуди програма за отпуштање на 60.000 вработени

„Мајкрософт“ ќе понуди доброволна отпремнина на околу 60.000 вработени, или приближно една четвртина од својата работна сила, како дел од напорите за намалување на трошоците и прилагодување на своето работење кон развојот на вештачката интелигенција. Понудата ќе опфати одредени вработени во САД, Канада, Индија и Велика Британија, на позициите потпретседател на компанијата и пониски.

Секторите Xbox, Windows, Copilot и финансии се вклучени во програмата, додека одредени групи вработени, меѓу другите во центри за податоци, продажба, маркетинг, сајбер безбедност и квантно пресметување, нема да имаат право да ја користат. Програмата им дава можност на оние кои размислуваат за кариера надвор од компанијата да го направат тој чекор порано со финансиска поддршка, објавува Bloomberg.

Вработените кои ќе ја прифатат понудата ќе добијат бенефиции слични на оние што се исплаќаат при стандардно отпуштање. Компанијата очекува дека значително помалку луѓе ќе се одлучат за оваа опција отколку во претходната програма за доброволно пензионирање. Microsoft имаше 223.000 вработени на крајот на јуни, а бројот на работници во голема мера стагнираше од 2022 година, кога компанијата почна поинтензивно да инвестира во вештачка интелигенција и инфраструктура на центри за податоци.

Овие трошоци вршат притисок врз буџетите и ги ограничуваат можностите за вработување во другите делови од бизнисот. Во јули, Microsoft понуди отпремнини на вработените кои имаат право на пензионирање, а повеќе од 30 проценти од приближно 8.750 луѓе кои имаа право на програмата ги искористија.

Намалувањето на бројот на вработени не е ограничено само на Microsoft. Гугл понуди доброволни отпуштања во неколку од своите сектори минатата година, додека Мета Платформс има повеќе од 20.000 вработени помалку отколку на својот врв кон крајот на 2022 година. Двете компании се меѓу најголемите инвеститори во инфраструктурата за вештачка интелигенција, вклучувајќи ги и центрите за податоци.

Технолошките компании на тој начин ги пренасочуваат парите и работната сила кон области што ги сметаат за клучни за понатамошен развој на бизнисот. Промените се придружени со зголемени очекувања од вработените да се прилагодат на забрзаниот развој на вештачката интелигенција и новиот начин на работа.