Фото: Pixabay
Македонците во текот на минатата година потрошиле вкупно 133,7 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 23,8 милиони евра (17,8%) во однос на претходната година, велат од Асоцијацијата за е – трговија на Македонија.
Во оваа категорија, евидентно е дека поради ограничената понуда на производи и услуги кои се нудат онлајн во Македонија, поголем дел од трансакциите се насочени кон странски веб страни, односно странски онлајн продавници. Конкретно, 64% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се одлеале во странство, односно се реализирани кон трговци надвор од Македонија, додека 36% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во Македонија.
Имателите на платежни картички издадени во странство значително го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите. Бројот на онлајн трансакции реализирани во 2018 година, во корист на виртуелни места на продажба во Македонија бележи пораст од 132% во однос на 2017 година. Она што е особено значајно за е-трговците од Македонија е дека во текот на 2018 година реализирани се вкупно 120.291 трансакција од страна на иматели на платежни картички од странска банка во корист на домашен трговец, односно, изразено во вредност вкупно 5,4 милиони евра се влеале во Македонија на име онлајн купување од странство, што претставува пораст за околу 78% во однос на 2017 година. Веројатно, голем удел во овие трансакции имаат иселените лица од државата кои купуваат производи и/или користат услуги во Македонија, но во секој случај оваа ставка бележи позитивно влијание врз македонската економија.
Ако се земе предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во Македонија (48,1 милиони евра), надополнета со вредноста на онлајн трансакциите реализирани со странски платежни картички кон онлајн трговци во Македонија (5,4 милиони евра), можеме да заклучиме дека правните лица чија дејност претставува е-трговијата, односно вршат продажба на производи и услуги во Македонија оствариле приходи од вкупно 53,5 милиони евра.
Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 31.12.2018 година во Република Северна Македонија активни се 871 продажно место. Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги.