Македонците претпазливо трошат во услови на криза

59

Личната потрошувачка бележи пад во вториот квартал од годинава, во еден дел поради присуството на рестриктивните мерки, но и поради неизвесноста и одложување на дел од потрошувачката во услови на натамошно ширење на коронавирусот, покажува извештајот на Народна банка за најновите макроекономски проекции.

“Краткорочните показатели за динамиката на личната потрошувачка главно се неповолни, при двоцифрен пад кај трговијата на мало, домашното производство на потрошни добра, увозот на стоки за широка потрошувачка и бруто приходите од ДДВ. Во иста насока упатува и показателот на доверба на потрошувачите, којшто значително е намален, согласно со согледувањата и очекувањата за влошена финансиска и економска ситуација и пониски очекувања за поголеми трошења во следниот период“, стои во извештајот на Народна банка.

Во поглед на изворите на финансирање на личната потрошувачка, расположливите податоци засега упатуваат на раст на расположливиот доход, иако тој би бил послаб од претходно, при позначително забавување на годишниот раст кај платите, а намалување на растот има и кај кредитите на населението. Од друга страна, растот на масата на пензиите и натаму забрзува.

Високофреквентни податоци на страната на понудата и побарувачката коишто се расположливи за периодот април – мај оваа година главно се неповолни и упатуваат на пад на економската активност во вториот квартал од годината, што е во согласност со очекувањата според априлскиот циклус проекции, наведува Народна банка во извештајот.

Наметнатите превентивни рестриктивни мерки во првите два месеца од вториот квартал и влошените согледувања на економските субјекти доведоа до намален обем на економска активност, што се согледува и преку тековно расположливите високофреквентни податоци на страната на понудата.

Прометот во трговијата има реален пад од 33,6% на годишна основа во периодот април мај.

Фото: Freepik