Македонците се повеќе пазаруваат преку интернет

22

Зголемена е свеста за купување преку интернет во Македонија, но од друга страна се уште има граѓани кои се скептични кон овој тип набавка на производи, пред се поради интернет измамите.
Истражувањата покажуваат дека приближно 60% од населението во Македонија користи интернет, што е првиот предуслов за онлајн купување. Во 2013 година се извршени околу 6% трансакции преку интернет, што е зголемување за пет пати за разлика од 2010 година, кога се регистрирани само 1% онлајн трансакции.
Денес се повеќе се отвораат веб страници кои нудат различни производи по многу атрактивни цени. Постојано се зголемува нивниот број, така што сега има над 250 е-продавници за разлика од 2010 година, кога функционирале околу 10 вакви продавници.
Оние кои купуваат преку интернет велат дека позитивната работа е тоа што со ваквиот начин на набавка на производи се заштедува време, а од друга страна на веб сајтовите кои нудат купување преку интернет, има поголем избор на производи. За македонските потрошувачи е интересно онлајн купувањето и поради големите попусти и атрактивните понуди што се нудат на овие сајтови или е-продавници, како и можноста купениот производ да им биде доставен до дома.
Резултатите од истражувањата укажуваат дека младата популација најчесто го користи онлајн купувањето, а најмногу се купува облека, обувки, производи за здравје и убавина, како и купони за патувања.
Надлежните препорачуваат секогаш да се купува од проверени веб страници, потрошувачите да ги прочитаат условите за користење, особено оние што се однесуваат на доставата на производот. Треба да се избегнува купување од јавни компјутери кои главно се недоволно заштитени и да се користат силни лозинки за да се заштитат личните податоци и податоците од кредитните картички. Пред да се испратат податоците од кредитната картичка треба да се провери дали веб страницата има сигурен и доверлив состав за плаќање.
“Оние права коишто важат во конвенционалниот пазар, не важат и во онлајн пазарот. Имаме поинакви правила. Потрошувачите, односно најголем дел од нив, најчесто и не ги познаваат правилата на интернет купувањето. Но, она што им го препорачуваме е секогаш да внимаваат дали производителот е практично реален, односно дали постои или не. Никогаш, кога ќе наидат во ситуација при плаќање на производ да им биде побаран пасворд од картичката, тоа да не го даваат. Тоа е веќе првиот сигнал дека нешто не е во ред со веб страницата, односно дека можеби се работи за лажна страница која ќе ги злоупотреби нивните податоци, а можно е да дојде и до одземање на паричните средства од картичката на потрошувачот”, велат од Организацијата на потрошувачи на Македонија.