Македонија 37-ма на листата на Форбс на најдобри земји за водење бизнис

52

Нов Зеланд ги засени најголемите економии во светот и се најде на прво место на листата на Форбс составена од најдобри земји за бизнис. Од второто место минатата година, Нов Зеланд скокна на прво место благодарение на транспарентната и стабилна бизнис клима што го охрабрува претприемаштвото.

На листата се рангирани 141 земја, според 11 критериуми.

Нов Зеланд има четири најдобри резултати од овие 11 критериуми – лична слобода, заштита на инвеститори, нема бирократија и нема корупција.

Форбс ја стави Македонија на 37 место. Македонија најдобро котира во категориите монетарна слобода (2) и бирократија (5). Во категоријата заштита на инвеститори е на 19 место, даночна политика 22, слобода во тргување 48, корупција 60, лична слобода 67, технологија 69, сопственички права 84, а најлошо е рангирана во категоријата на иновации, на 108 место.

Од регионот, Словенија е на 23 место, додека сите останати земји се зад Македонија. Црна Гора е на 45 место, Хрватска 47, Бугарија 49, Турција 52, Романија 60, Грција 68, Албанија 74, Босна и Херцеговина 85, додека Србија е на 90 место.

Веднаш по Нов Зеланд, на втората позиција е Данска, а потоа следуваат Хонг Конг, Сингапур, Канада, Ирска, Шведска, Норвешка, Финска, Велика Британија. САД се најде на 12 позиција, Франција на 20, Германија 21, Јапонија на 30 место.