Македонија 80-та во светот по цена на мобилниот интернет

23

Фото: Pixabay

Со просечна цена на мобилен интернет од 3,62 долари, Македонија е 80-та од вкупно 230 земји во светот, покажува анализата на британскиот портал Cable.co.uk.

Индија е земја во којашто има најевтин мобилен интернет од само 0,26 долари за еден гига бајт. Причина поради која Индија го има приматот во светски рамки е тоа што во земјата се нуди енергичен пазар на паметни телефони, има висока технолошка свест на населението, голем избор на телекомуникациски оператори и конкуренција.

Во првата петорка, освен Индија, се Киргистан (0,27 долари), Казахстан (0,49 долари), Украина (0,51 долар) и Руанда (0,56 долари).

Од земјите во регионот, пред Македонија се наоѓаат: Словенија (2,21 долари) на 43 позиција, Турција (2,25 долари) на 47-мо место, Албанија (3,22 долари) на 68-ма позиција, Босна и Херцеговина (3,58 долари) на 76-та позиција.

По Македонија, се позиционираа: Црна Гора (4,26 долари) на 92-ра позиција, Србија е 104-та земја во светот со просечна цена од 4,83 долари за гига бајт интернет, четири места подолу е Хрватска со 4,89 долари. Жителите на Бугарија плаќаат по 7,15 долари за еден гига бајт интернет и се позиционираа на 224-то место, додека најскап интернет плаќаат Грците со 32,71 долари во просек.