Македонија доби дозвола од ЕУ за извоз на говедско месо

89

svezo-meso-vo-tanjir

Фото: Walderebell/Pixabay

Македонија и официјално е ставена на листата земји кои може да извезуваат свежо (разладено или замрзнато) говедско месо и преработки од говедско месо во Европската унија, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски.

“Македонија и официјално е ставена на листата, нашите компании од месната индустрија и кланиците може да извезуваат говедско не само во земјите на ЕУ, туку и да транзитираат низ ЕУ во трети земји. Ова значи освојување нови пазари, но и шанса повеќе за реализирање нови домашни и странски инвестиции во секторот“, рече Поповски.

Веќе има информации, додаде, дека странски компании се заинтересирани за влез во примарното производство.

“Бројот на говеда во земјава се зголемува. Се увезуваат сè повеќе високопродуктивни млечни раси, а ова е можност да се зголемат и висококвалитетните товни раси. Потенцијалот е огромен“,  додаде Поповски.

Покрај говедско месо, Македонија е ставена и на листата за извоз на конзумни јајца, живина, живинско месо и риби на пазарите во ЕУ. Почната е постапка и за извоз на производи од риба, додека за извоз на свинско месо и производи од свинско е неопходно земјава да добие статус на слободна од болеста класична свинска чума и да ја прекине политиката на вакцинација на свињите против оваа болест.