Македонија доби грант од 20 милиони евра за развој на земјоделството и руралните општини

21

Европската комисија и додели 20 милиони евра грант на Македонија за развој на земјоделството и руралните општини, кои ќе бидат искористени во рамки на два проекта – едниот наменет за инфраструктурни проекти во рурални општини и вториот за наводнување како дел од ИПАРД програмата. Со потпишувањето на овие два договора, секоја од руралните општини ќе добие по 240.000 евра, додека урбаните општини по 120.000 евра, јавува Миа.

Договороите денеска во Министерството за финансии ги потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставерски, вицепремиерот за евроинетрации Фатмир Бесими, шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија амбасадорот Аиво Орав и претставникот на Светска банка во земјава Беким Имери.

Како што истакна вицепремиерот Ставрески, кон првиот договор на грантот во износ од 15,5 милиони евра неповратни средства од ЕУ, од Буџетот на РМ ќе бидат издвоени уште 5,2 милиони евра со што вкупната сума за развој на руралните средини ќе изнесува 20,7 милиони евра. Овој проект, додаде, е насочен кон поголема апсорбција на средствата што ЕУ ги лоцираше за РМ преку ИПА – структурните фондови за 2013 година, поточно во петтата ИПА компонента за подобрување и развој на руралната средина.

“Врз основа на искуствата што претходно ги имавме со Свестка банка и веќе востановените практики за имплементација на слични проекти како што е МСИП проектот, дел од ИПА средствата за рурален развој ќе се администрираат од страна на Светска банка, а оперативно ќе се спроведе проектот преку МСИП единицата во Министерството за финансии, односно преку проектот за подобрување на општинските услуги, кој што се спроведува веќе неколку години. Со овој проект се поддржува рамномерниот регионален развој и развојот на руралните средини, односно ќе биде насочен кон создавање поквалитетни услови за живот и економски развој на понеразвиените подрачја. Во таа насока проектот се вклопува и во приоритетите на Владата на РМ, како и во приоритетите на Европската агенда за рамномерен регионален развој“, рече Ставрески.

Најголем дел од средствата од овој проект што се спроведува по прв пат, ќе бидат наменети за инвестиции во инфраструктурни проекти, како што се водоснабдување, третман на отпадни води, управување со цврст отпад, изградба и реконструкција на локални патишта и улици, основна инфраструктура која обезбедува пристап до електрична енергија, енергетска ефикасност, улично осветлување, изградба на туристички и рекреативни објекти, детски градинки, младински културни центри и се што општините ќе го предложат, а ќе биде оценето како приоритет од нивна страна.