Македонија добитник на награда за најдобра национална презентација на Саем за туризам во Софија

40

sofija 2

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТРМ) на годинашниот Саем за туризам во Софија, Бугарија – HOLIDAY&SPA EXPO 2016, што се одржа од 11-ти до 13-ти овој месец, ја доби наградата за најдобра национална презентација на саемот, пишува Миа.

Наградата ја врачи бугарската министерка за туризам Николина Ангелкова, која во оваа прилика стави акцент на одличната соработка на полето на туризмот помеѓу Македонија и Бугарија.

Наградата за најдобра национална презентација која ја доби АППТРМ ги потврдува заложбите на Македонија за успешно презентирање и промовирање на земјава како туристичка дестинација низ светот, како и промоција на туристичките капацитети кои ги нуди Македонија.

Бројот на туристи и бројот на ноќевања од Бугарија се зголемуваат во континуитет во последните 5 години, само за споредба, во последната година е забележан раст во бројот на туристи од Бугарија за 11%, додека бројот на ноќи за 8%, бројки што го прават бугарскиот туристички пазар атрактивен за нашите туристички работници.

На 33-тото интернационално претставување на туристичката понуда во Бугарија својата понуда ја преставија 380 учесници од светот, а само на првиот ден саемот го посетија повеќе од 15.000 гости.