Македонија домаќин на Глобалниот самит на жени лидери

45

Над 40 еминентни жени лидери во улога на панелисти и преку 300 учесници од пет континенти, креатори на јавни политики, дипломати, претставници на корпоративната елита, новинарството,…, ќе бидат дел од Глобалниот самит на жени лидери (Global women leaders summit – GWLS 2017 ), што ќе се одржува денеска и утре во Скопје, јавува Миа.

Самитот е фокусиран на актуелни теми од повеќе области, но на него ќе биде промовирана и Глобалната платформа на жени лидери од јавниот и приватниот сектор во која првпат се вклучуваат и жени лидери од Македонија.

Промоцијата ја организира Сојузот на стопански комори (ССК) во соработка со Здружението на бизнис жени и Светската бизнис организација Македонија.

“Глобалната платформа на жени лидери функционира во насока на размена на искуства, креирање јавни политики и хармонизација со глобалните трендови. Ги обединува светските жени лидери од пет континенти од различни области, политика, економија, дипломатија, претприемништво, новинарство. Целта на нашето учество е хармонизација на Македонија со глобалните трендови и прифаќање на можностите жена да биде лидер, на позиција како што е претседател на држава или влада“, велат од ССК.

Идејата на Платформата е остварување меѓународен дијалог за унапредување на женското лидерство и креирање стратегиски политики за економски развој што подразбира и развој на кариера, глобално партнерство, како и трансфер на знаење и искуства.