Македонија и Албанија ќе градат далновод Битола-Елбасан

42

Интензивирање на соработката во енергетскиот сектор, со посебен акцент на изградба на Проектот  400kV интерконективен далновод Битола-Елбасан.

Ова беше најавено вчера од страна на македонскиот министер за економија Ваљон Сарачини и албанскиот министерот за енергетика и индустрија, Дамиан Гјикнури.

Вкупната должина на далекуводот се предвидува да биде 151 км, од кои на македонската страна 95 км и на албанската страна 56 км. Вкупната инвестиција согласно физибилити студијата се проценува дека изнесува 68,1 милиони евра и тоа 43,5 милиони за македонската страна и 24,6 за албанската страна.

Министерот Сарачини информираше дека за проектот далновод Битола-Елбасан изработена е физибилити студија и студија за влијанието врз животната средина, за кој бил обезбеден грант од 900.000 евра.

Тој додаде дека МЕПСО е во завршна фаза на преговори со ЕБОР за обезбедување на заемот.

Од македонската страна на средбата беа презентирани и можностите за инвестирање во изградба на мали хидроцентрали, а исто така беше договорно да се формираат работни групи, чија задача ќе биде до февруари 2014 година да го следи прогресот на сите проекти кои беа дискутирани на состанокот.

“Ова е моја прва посета на Република Македонија. Интерконективниот далекувод Битола-Елбасан е од голема важност, значаен е како за енергетската, така и за економската состојба на двете земји. Разговаравме и за проектот Луково Поле, за кој сакам да истакнам дека договоривме технички лица од двете земји, кои ќе ја следат реализацијата на проектот, за да нема дополнителни нејаснотии, бидејќи во интерес на двете земји е да се изгради акумулација со која ќе се придонесе за зголемување на водните текови за потребите на производство на електрична енергија од постојните хидроелектрични централи и изградба на мала хидроелектрична централа, со што ќе се овозможи дополнително производство на електрична енергија”, истакна министерот Гјикнури.

Двете страни договорија на следниот состанок да се потпише и Меморандум за соработка во енергетскиот сектор, земајќи ги во предвид поволните услови што ги имаат Македонија и Албанија, со цел проширување на енергетската соработка, имајќи ја притоа во предвид географската локација и традиционалните односи што ги имаат двете држави.