Македонија и Албанија заеднички ќе брендираат земјоделски производи

24

Федерацијата на фармерите на Република Македонија во Струга одржа работилница за компаративна анализа и мапирање на традиционални производи во рамките на проектот Почувствувај го здравиот рурален живот.

На оваа средба се утврдуваа земјоделски производи од македонска и од албанска страна кои во текот на наредниот период од спроведувањето на овој проект ќе бидат предмет на брендирање.

Како што истакна претседателот на Албанскиот земјоделски совет Енвер Феризај, размената на стоки помеѓу Република Македонија и Република Албанија не е на задоволително ниво, така што идентификувањето на дел од земјоделските производи на двете страни ќе ја поттикне оваа размена.

“Преку овој проект ќе се поттикне соработката меѓу земјоделците кои доаѓаат од двете земји, од Македонија и од Албанија. Македонските земјоделци се чекор понапред од албанските, така што искуствата во оваа област ќе бидат од голем корист за руралниот развој во Република Албанија”, истакна Феризај.

Според Андрија Секуловски, претседател на Федерацијата на фармерите на Република Македонија, постојат повеќе производи кои би можеле да бидат брендирани.

“Се зборува за неколку производи од овие региони како што се јаболкото, гравот, кромидот, пиперката, лукот, грозјето, смоквата, сливата и други. Сакаме овие производи да бидат посакувани од нашата целна група, а тоа се потрошувачите и тие производи да имаат своја додадена вредност за која истата треба да има профитабилно земјоделско стопанство”, рече Секуловски.
Работилницата е дел од проектот Почувствувај го здравиот рурален живот финансиран од ИПА-програмата на Европската унија за прекугранична соработка со Република Албанија и се спроведува од страна на Федерацијата на фармерите на Македонија и Албанскиот Земјоделски Совет.
Од активностите што произлегуваат од него, се очекува корист да има локалното население кое живее во пограничните региони на двете држави, особено младите и жените фармери, но и институциите и организациите кои работат за развој на земјоделството и руралниот развој.