Македонија и Косово ќе ја подобруваат трговската размена

19

Надминувањето на сите преостанати бариери за подобрување на трговската соработка, можноста за изградба на царински терминал на граничниот премин Јажинце и подобрувањето на соработката во областа на туризмот, беа главни теми на разговор на вчерашната средба во Скопје меѓу министерот за економија Дритон Кучи и косовската министерка за трговија и индустрија, Хикмете Бајрами, јавува Миа.

На средбата на која присуствуваа и претседателите на Стопанската комора на Косово и на Стопанската комора на северозападна Македонија, Сафет Беџалиу и Неби Хоџа, беше потенцирано дека лошата инфраструктурна поврзаност претставува единствена пречка за понатамошен развој и продлабочување на соработката.

Министерот Кучи изјави дека лани од Косово во Македонија влегле 69.573 камиони, а од Македонија во Косово 71.253 камиони со разни стоки, додека министерката Бајрами потенцираше дека двете земји не треба да бидат конкуренти, туку партнери со заедничка стратегија за настап на трети пазари. Таа посочи дека треба да има и подобра соработка меѓу двете земји во областа на туризмот.

Косово е голем трговски партнер на Република Македонија со кој земјава константно бележи суфицит во размената. Лани трговската размена меѓу двете земји била над 200 милиони евра, а во првите шест месеци од годинава бележи раст од 13% во споредба со истиот период лани.