Македонија го потпиша договорот со Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот Јужен тек. Македонија се вклучува со крак, а од каде ќе се гради дали од Србија или Бугарија треба да одлучи Газпром. Договорот од македонска страна го потпиша вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во Москва, јавува Миа.
“Ова е исклучително значаен проект за нас затоа што со Јужен тек практично на долг рок се гарантира енергетската стабилност на Република Македонија, се обезбедуваат нови количини на гас, што ќе направат и проектот за внатрешна инфраструктура за пренос на гас во Македонија да добие една поголема смисла”, изјави викендов премиерот Никола Груевски.
Тој подвлече дека и за внатрешната инфраструктура има зацртано план за тоа како да се реализира и, истакна дека се планира брз почеток, но зависи од тоа дали ќе има доволни количини нгас.
“Сега со склучување на договорот за Јужен тек, сите други понатамошни операции за гасификација на Македонија, за градење внатрешна инфраструктура на гасоводи добива смисла во вистински правец”, појасни Груевски.
Вклучувањето на Македонија во проектот Јужен тек е од стратешко значење за Република Македонија кое ќе обезбеди вклучување на Македонија во меѓународните транспортни коридори и стабилен извор на гас за идните генерации.
Гасоводот Јужен тек треба да заврши до 2015 година.
Фото: МИА