Македонија и Србија безбедни, БиХ, Црна Гора и Хрватска го повлекоа млекото на Дукат и Виндија

86

dukat vindijaПо информациите дека во млекото на хрватските млекопроизведувачи Дукат и Виндија се пронајдени опасни канцерогени материи, во неколку земји од регионот овие производи се повлечени од пазарот.

Хрватското министерство за земјоделство нареди повлекување на трајното млеко со масленост 2,8% во пакување од еден литар и УХТ млеко со масленост 2,8% на Виндија, и трајното млеко со масленост 2,8% во пакување од половина литар, како и трајното млеко “лагано јутро” со масленост 2,8% од еден литар на Дукат, откако доби информации од БиХ дека содржат афлатоксин М1. БиХ веднаш забрани увоз на ова млеко во земјата.

На македонскиот пазар нема млеко на Дукат и Виндија со зголемена концентрација на афлатоксин М1, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.

“Од спорните шаржи, кај нас се увезени само 360 литри од трајното млеко “лагано јутро“ кои досега не се пуштени во промет, а за кои по направените инспекциски контроли и земените мостри за анализа од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, на операторите со храна им е издадена наредба за забрана за пуштање во промет. Спорните количини млеко на нашиот пазар се увезени со ветеринарен сертификат и сертификат за квалитет издадени од надлежни служби”, се наведува во соопштението.

Агенцијата за храна и ветеринарство извршила дополнителни контроли на пазарот, особено во компаниите увозници на млеко од овие производители.

И надлежните во Србија тврдат дека во земјата не е увезено од спорното млеко. Од министерството за земјоделство порачуваат дека Србија не увезувала млеко од Хрватска, туку од погоните што се наоѓаат во Босна и Херцеговина.

Властите во Црна Гора веднаш реагираа на информацијата, па инспекторите излегоа на терен, а најголемиот црногорски трговски ланец Воли веќе наложи повлекување на млекото на Дукат од своите полици.

Од црногорското министество соопштуваат дека веднаш се известени увозниците и дистрибутерите на овие видови производи да започнат постапка за нивно повлекување од пазарот.