Македонија и Украина почнуваат соработка и запознавање на туристичкиот потенцијал

54

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) и амбасадата на Украина во Република Северна Македонија ја организираа првата конференција за туризам со цел почнување соработка и запознавање на туристичкиот потенцијал меѓу двете земји.

На конференцијата беше потпишан Меморандум за соработка меѓу АППТ и Националната туристичка организација на Украина.

Како што соопшти АППТ, трите услови за соработка се исполнети – слободен виза режим, директен лет и желба за зголемување на соработката.

“Економската и социјалната димензија на туризмот е веќе позната со оглед дека земјава беше рангирана на трето место меѓу земјите од Балканот со кои Украина има соработка, како и посетата на 20 тур-оператори од Украина и почнувањето на директна линија Киев-Скопје, е повеќе од причина за зајакнување на соработката помеѓу овие две земји“, наведува АППТ.

На конференцијата учествуваа 30-тина тур-оператори од Украина и 30-тина домашни тур-оператори. Се обратија Дмитро Сеник, заменик-министер за надворешни работи на Украина, Наталиа Задорожниук, амбасадор на Украина во земјава, Љупчо Јаневски, Директор на АППТ, Иван Липтуга, претседател на Националната туристичка организација на Украина и Мариа Јукхноветс, претседател на Асоцијацијата за дојдовен туризам на Украина.

Се споделија статистики и анализи за состојбата во туризмот за време КОВИД, се информираа двете страни за туристичкиот потенцијал кој го имаат и за можностите за соработка.

“Оваа прва конференција за туризам значи нов, силен нов импулс за соработка помеѓу двете земји. Украинските туристи кои имаат интерес за посета на руралните делови на земјава, културното наследство како и ено туризмот, планираат туристички аранжмани во земјава од пет до седум дена“, информира АППТ.

Според Јаневски закрепнувањето на туризмот треба да биде во форма која ќе овозможи самооддржливост.

“Начинот на патување и интересот за туризам ќе се промени и ќе значи помали групи кои ќе имаат интерес за патување во руралните и еко предели на земјата. Закрепнувањето треба да е зелено“, вели Јаневски.

Според украинските претставници, РС Македонија ако е една од последните неоткриени туристички потенцијали, тогаш Украина е веднаш зад неа, затоа оваа прва конференција за туризам е од огромно значење на зголемување на туристичкиот промет помеѓу овие две земји.