Македонија има 35 мултимилионери, заедно имаат 4 милијарди долари!

23

Во Македонија има 35 мултимилионери чие богатство вреди вкупно четири милијарди долари, објави компанијата за истражување на богатствтото Ворлд Репорт за 2012 и за 2013. Тоа значи дека секој од нив има во просек повеќе од 114 милиони долари богатство, односно сите заедно имаат половина од вредноста на бруто-домашниот производ на земјата. Македонија е рангирана на 42 место според бројот на милионерите. Во однос на минатата година, нема ниту зголемување, ниту намалување на нивниот број, ниту пак на нивното богатство, објави Ворлд Репорт. Од земјите во регионот, според извештајот, Грција и покрај кризата се држи добро, на 20. место со 455 ултрабогати поединци чие богатство е проценето на 50 милијарди долари, а одлично котираат и Хрватите, на 23. место (260 лица располагаат со вкупно богатство од 30 милијарди долари).

Соседна Србија е на 29. место со 90 ултрабогати, кои имаат вкупно 11 милијарди долари, едно место подолу на листата е рангирана Босна и Херцеговина со 85 индивидуи и 9 милијарди долари. Изненадува 34. место на Словенците, таму според извештајот има 70 ултрабогати поединци кои вкупно имаат богатство вредно 8 милијарди долари, или двојно повеќе од Македонија, иако според БДП, разликата меѓу двете земји е многу поголема.

Во Албанија има 55 ултрабогати со вкупно богатство од седум милијарди долари, што ја рангира оваа земја на 37. место, а во Бугарија, која е на 40. место, има 45 поединци чие вкупно богатство изнесува пет милијарди долари.