Македонија има голем потенцијал да привлече дигитални номади

87

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) е двигател на иновациите, на дигиталниот развој и претприемништвото. Токму затоа е и логичен след за мојата кариера. Јас сум личност која потекнува и припаѓа на бизнис заедницата, добро знам што е потребно за успех и каде лежат најголемите предизвици, вели Коста Петров во интервју за Локално.

За онлајн виза за дигитални номади, тој вели дека тоа е проект кој лично го иницира, а на концептот работи веќе подолго време.

“Онлајн визата за дигитални номади е проект кој лично јас го иницирам, а на концептот работам веќе подолго време. Се работи за механизам преку кој ќе им се овозможи на иноватори и претприемачи познати како дигитални номади, полесно да добијат дозвола да живеат во Северна Македонија. Привлекувањето на ваквите таленти ќе има позитивен ефект врз нашата локална економија и ќе овозможи поблиска соработка на македонските претприемачи со интернационални претприемачи. Секако, преку размена на знаења се зголемуваат шансите за регионален и глобален успех на нашите компании. Една од првите работи кои ќе ги покренам како директор е формирањето на меѓусекторска група за побрза реализација на овој проект. Ова е инаку иницијатива која веќе е добро развиена во земји како Грузија, Барбадос, а од пред еден месец и Обединетите Арапски Емирати. Јас верувам дека нашата земја, земајќи ја во предвид нашата местоположба и блискоста со сите Европски центри, како и цените и стандардот на живот, има голем потенцијал да привлече дигитални номади“.

Вели дека професионалното искуство и познанствата кои ги има стекнато во изминатите 15 години на чело на креативната агенција Пи Ворлд ќе му овозможат значително да придонесе за земјава токму од новата позиција на која се наоѓa.

Неговата визија, вели, е заедно со помош на интернационалната и македонската старт – ап заедница, со новиот бран на македонски иноватори да се позиционира Северна Македонија како регионален старт – ап хаб.

“Тука имаме многу потенцијал, многу паметни и мотивирани млади луѓе и ќе ја насочам целата моја енергија да ги поддржиме. Најважно од сѐ – ќе работиме заедно со старт ап заедницата, за да одговориме на нивните реални потреби и да им помогнеме да успеат“, вели Петров.

Фото: Facebook