Македонија има мала полза од истражувачките програми на ЕУ

20

Средствата за финансирање на истражувачките програми во ЕУ најмногу ги користат Швајцарија, Холандија и нордиските земји, пишува МИА.

Па така од седмата рамковна ЕУ програма, која започна да се реализира 2007 година и завршува годинава, најмногу пари, пресметано во евра по глава на жител, добила Швајцарија (197), Исланд (172), Данска (144), Холандија (143), Шведска (136), Финска (128) и Норвешка (113). На самото дно на листата на земји-членки и кандидатки за членство во ЕУ, корисници на средствата за европски истражувачки програми е Турција, со само 2 евра по глава на жител, а веднаш до неа се Македонија и Романија со по 5 евра и Србија со 7 евра.

Од балканските земји најмногу полза од истражувачките програми на ЕУ има Грција со 72 евра по глава на жител, Словенија со 67, Хрватска со 16 и Бугарија со 11 евра.

Постои силна конкуренција кога станува збор за инвестициските фондови на ЕУ наменети за истражувачки програми, кои во период од 7 години изнесуваат вкупно 70 милијарди евра. За разлика од ЕУ-фондовите за поддршка, на пример, на земјоделството, апликанти од сите земји-членки и со кандидатски статус конкурираат за средства од истражувачките програми врз рамноправни услови.