Македонија извезува околу три милиони литри минерална вода, а увезува околу 22 милиони литри

24

Фото: Pixabay

Од нашата земја се извезуваат околу три милиони литри минерална и газирана вода, а се увезуваат околу 22 милиони литри, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, по повод Светскиот ден на водите.

Во Македонија се произведуваат околу 737 милиони литри минерална, газирана и негазирана вода.

Според податоците на Обединетите нации, 2,1 милијарда луѓе во светот живеат без безбедна вода. Околу 159 милиони луѓе користат вода за пиење од површински извор – езера и потоци. Едно од четири основни училишта нема вода за пиење, а учениците користат незаштитени извори или остануваат жедни. Околу четири милијарди луѓе – речиси две третини од светската популација – најмалку еден месец во годината немаат вода. На глобално ниво, 80% од луѓето што мора да користат небезбедни и незаштитени извори на вода, живеат во рурални средини.