Македонија ја издаде шестата еврообврзница со каматна стапка од 2,75%

22

evra-naredeni-pixabay

Фото: Pixabay

Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал издаде еврообврзница на износ од 500 милиони евра со рок на достасување од седум години и каматна стапка од 2,75%, соопштува Министерството за финансии.

Ова, како што се наведува, е историски најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници, како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал.

За споредба, како што велат од Финансии, каматните стапки на претходно издадените пет еврообврзници се движат меѓу 3,975% и 9,875%.

Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница беше во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над седум пати повисока од понудата, што претставува доказ за довербата на инвеститорите во стабилноста на Македонија и во позитивните перспективи на македонската економија. Високата побарувачка овозможи да се постигне каматна стапка од 2,75% на годишно ниво, односно стапка на принос од 3%.

“Како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, приливите од еврообврзницата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, односно за непречено редовно извршување на сите буџетски расходи, како и за отплата на претходните долгови, вклучително и првата рата на PBG-кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра која доспева на крајот на јануари. Притоа, паралелно со издавањето на еврообврзницата, Македонија за првпат изврши и делумен предвремен откуп на постоечка еврообврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година којашто достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка на издавање од 4,875% е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75%. Покрај каматните заштеди, со предвремениот откуп се намалува долгот кој достасува во 2020 година, односно значително се намалува ризикот од рефинансирање“, стои во соопштението.