Македонија ја одбележува Неделата на Лајонизмот

26

nedela-na-lionizmot

Следниве пет дена Македонија ќе живее со боите на активизмот на Лајонсите во земјава. Во Неделата на Лајонизмот, која почнува денеска и трае до 10 јуни 2017 година, Лајонс клубовите во Македонија организираат низа различни активности насочени кон подобрување на животот на слепите и слабовидните лица, лицата болни од дијабетес, гладните лица, заштита на локалните животни средини и на сите на кои им е потребна помош, стои во соопштението.

Според Лион Вида Пеева – Наумовска, директор на Лајонс Клуб Вардар и еден од иницијаторите за Неделата на Лајонизмот во Македонија, оваа седмица ќе се работи на промоција и популаризација меѓу населението во Македонија со цел сите оние кои чувствуваат потреба својот хуман порив да го реализираат преку волонтерски активности и на организиран начин, да се препознаат како идни членови на нашите клубови.

“Во оваа лајонистичка година, кога славиме 100 години од Лајонизмот во светот и 20 години од неговото практицирање во Македонија, Лајонс клубот Вардар ја покрена иницијативата за реализација на проектот Недела на Лајонизмот во Македонија. Проектот којшто целосно е поддржан од Дистрикт 132 Македонија е замислен како широка промоција и популаризација  на концептот на Лајонизмот, обележјата, принципите, целните групи, активностите и придобивките за луѓето од ранливите групи во општеството“, потенцира Пеева – Наумовска.

Според неа, ќе се организираат голем број хуманитарни активности од страна на Лајонс клубовите и преку билборди, флаери, знамиња и друг промотивен материјал ќе се направат напори Лајонизмот да се промовира и афирмира во што повеќе домови ширум земјава.

За актуелниот гувернер на Дистрикт 132, Лион Слободан Вуќикевиќ, Лајонизмот за сите членови е начин на живеење, волонтерско помагање на оние на кои им е потребна помош, грижа за здрава животна средина, но и меѓусебно дружење и создавање трајни пријателства.

“Зад нас се две децении на развој, години на создавање на Лајонси, на нови Лајонс клубови. Еве сме сега споени во тим – единствен и победнички, во Дистрикт 132 Македонија, респектиран дел од меѓународната асоцијација на Лајонс клубовите. Голема е честа и одговорноста да се биде Гувернер во година на јубилеј, а чинам уште поголем е јубилејот 100 години постоење на Лајонизмот. Нашиот Дистрикт станува локален лидер во грижата за ранливите групи, низ бројни проекти и активности што го докажуваат ова. Времето пред нас, тоа треба да биде потврда дека и понатаму ќе сме горди на успесите што ги постигнуваме“, рече Вуќикевиќ.

Првиот клуб во Република Македонија е формиран во 1997 година, а денес на прославата на 20 години на активна работа има 910 вредни членови во 39 клубови во 14 градови во нашата држава со тенденција на постојан пораст.

Минатогодишниот гувернер на Дистрикт 132, Лион Звонимир Цветановски, објасни дека Lions Clubs International е најголемата светска асоцијација на сервисни клубови, којашто во 2007 година, според Форбс, е прогласена за најдобра меѓународна невладина организација. Членувањето е волонтерско.

“Поставувањето на почетокот на нашата асоцијација во време и простор покажува дека желбата на хуманите основачи е во третата година на Првата светска војна да ги ублажат ужасните последици на војната. Многу семејства изгубиле членови на семејството, во многу семејства се вратиле инвалидизирани луѓе, борбата за преживување како последица на воено – економска политика биле силен мотив да се обидат да им помогнат на сите на кои им е потребна помош. Таа определба и денес останува наша цел, особено помошта на ранливите групи, кои не можат сами да си обезбедат услови за нормален живот. Лајонсите се нарекуваат ‘витези на слепите во борбата против темнината’, инспирирани од трогателниот говор на Хелен Келер, која на 18-месечна возраст го изгубила видот, ама успеала да се образува и да се бори за помош на слепите и слабовидни лица“, рече Цветановски на денешната конференција за печат.