Македонија ќе обезбеди одржливо производство на ориз со капка-по-капка наводнување

52

Во Кочани, Министерот за земјоделство Михаил Цветков и градоначалникот Ратко Димитровски, денеска свечено го пуштија во употреба првиот систем за капка-по-капка наводнување на поле со ориз во Македонија. Системот е поставен на опитна парцела на Институтот за ориз од Кочани како донација од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси кофинансиран од Швајцарската Амбасада во Македонија во соработка со Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координирана од Helvetas Swiss Intercooperation и Фармахем од Скопје.

Со донирање на овој и уште еден ваков систем во с. Чешиново, Проектот отпочна нова иницијатива наречена „Одржливо производство на ориз 2016“ со која ќе ги демонстрира предностите на системите капка-по-капка над конвенционалното наводнување. Системите капка-по-капка се лесни за употреба, заштедуваат многу време, драстично ги зголемуваат приносите, го намалуваат плевелот и користат значително помалку вода од конвенционалкото наводнување кое бара поплавување на полињата со ориз.

Од 2013 до 2015, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси има поставено системи за наводнување капка-по-капка и воведено напредни земјоделски протоколи на 280 полиња (280 хектари) со пченка и сончоглед во Полог, Пелагонија, Североисточниот и Вардарскиот регион. Со помош на овие системи, земјоделци успеаја да ги зголемат приносите за два до три пати, да користат 30%-60% помалку вода, а притоа да потрошат десет пати помалку време на наводнување. Како што ќе се зголемува бројот на земјоделци кои ќе го користат овој пристап на производството на пченка и сончоглед, а сега и ориз, ќе се подобрува конкурентноста, профитабилноста, продуктивноста и оддржливоста на малите агробизниси.