Македонија ќе сади дрва за Часот на планетата Земја

104

lНа 10 дена до одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, канцеларијата на акцијата во Македонија ја презентира кампањата Поврзи се со планетата, преку којашто граѓаните ќе се запознаат со природните убавини и ендемичната и реликтна флора и фауна во нашата држава.

Додека глобалната биолошка разновидност се намалува со невидена стапка, Часот на планетата Земја оваа година ќе ги фокусира своите напори да поттикне поддршка за акција за биолошката разновидност и природата под мотото Поврзи се со планетата, односно #Connect2Earth.

За таа цел, оваа година освен одбележувањето на настанот со исклучување на светилките, на 24 март, точно на пладне, на сите локации кои оваа година ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја ќе биде организирано садење на дрва, под мотото Дрвца за планетата Земја, на кој се очекува да бидат засадени илјадници дрва ширум републиката. Најмасовен настан се очекува во Куманово, каде од локалната самоуправа потврдија засадување на 1.000 садници на локации околу градот.

Овој настан се очекува да премине во традиција и секоја година на истата локација да бидат садени нови дрвца, во таканаречениот парк на планетата Земја, а во истиот се вклучуваат и волонтерите на Црвениот крст кои се дел од светската еколошка акција шеста година по ред.

“Биодиверзитетот и природата се темел и ги поткрепуваат нашите животи, нашите економии, нашето здравје, нашата благосостојба, нашата среќа. Тоа е темелот на нашата жива планета. Денес, додека ја втурнуваме планетата и нејзините природни системи до работ, Часот на планетата Земја е наша шанса да ја употребиме нашата моќ, како поединци и како општество, да бараме и да преземеме акција за да ја заштитиме оваа наша Мајка Природа во замена за сето она што ни го дава. За доброто на целиот живот на Земјата и на нашата сопствена иднина!”, изјави Марко Ламбертини, генерален директор на WWF International – Светскиот фонд за природа.

Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 24 март (сабота), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.

На официјална прес конференција идната недела ќе бидат презентирани атрактивните локации кои оваа година ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја во Македонија.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.