Македонија ќе учи од Словенија за спа и велнес туризмот

21

Македонија ќе користи словенечки искуства за езерскиот, а пред се за спа и велнес турзимот. Оваа одлука е донесена на 10-от состанок на Мешовитиот комитет за соработка меѓу Македонија и Словенија.
Група словенечки инвеститори од дејноста на хотелиерството треба денеска да пристигне во Скопје, а утре да престојува во охридскиот регион, каде ќе им бидат презентирани можните локации за изградба на хотели.
Соработка веќе има и во делот на спа туризмот, особено со Термооливија, сопственикот на еден од најголемите спа центри на Балканот. Тие развија концепт за проект во Македонија, а од нив се побарани и искуства кои се користат во нашиот концепт за развој на спа и велнес туризмот.
Во рамките на денешниот состанок, заменик-министерот за економија, Христијан Делев и директорот на Директоратот за економска дипломатија во Министерството за надворешни работи во Република Македонија, Станислав Рашчан, потпишаа протокол за стопанска соработка меѓу двете земји.
Во изминативе два дена на делегацијата од Словенија им бил презентиран јавниот повик за изградба на 80 мали хидроцентрали, како и проектите за гасификација и проектите за изградба на хидроелектраните Чебрен и Галиште.
Делев информираше дека секогаш е позитивно искуство да се учи за туризмот од Словенија, која е лидер во регионот во оваа гранка, поготово за велнес и спа туризмот. Делев, исто така, нагласи дека дека оваа година заедно со Словенија ќе се имплементира заеднички проект преку УНИДО за езерскиот, спа и руралниот туризам.
Рашчан потенцираше дека стоковната размена меѓу двете земји во 2013 година изнесувала речиси 200 милиони евра, при што Македонија го зголемила својот извоз кон Словенија за 45%, а додека пак, Словенија за 12%.
Рашчан додаде и дека се бележат и позитивни резултати на полето на туризмот, каде бројот на туристи изнесува околу 10.000 од едната во другата земја. Словенија, според инвестирањето во Македонија, е на четвртото место, а Рашчан се надева дека и македонските инвестиции во Словенија ќе се зголемат. Тој, исто така, додаде и дека на словенечиот пазар недостигаат што повеќе македонски земјоделски производи.