Македонија меѓу 10-те економии со најголеми подобрувања во водење бизнис

17

19204060Според новиот извештај на Светска банка и ИФЦ, Република Македонија по четврти пат е меѓу десетте врвни економии во светот каде најмногу се подобрило деловното и регулаторно опкружување во периодот од јуни 2012 до јуни годинава, спроведувајќи шест регулаторни реформи кои го олеснија водењето бизнис на локалните претприемачи.

Како што се вели во соопштението од канцеларијата на Светска банка во Скопје, Република Македонија го олеснила добивањето електрична енергија преку намалување на времето потребно за добивање нов приклучок и преку утврдување фиксен надомест за приклучување по киловат за приклучоци што бараат моќност до 400 kW. Исто така, го зајакнала својот систем за обезбедени трансакции преку обезбедување поголема флексибилност на описот на средствата во договор за гаранција и на видовите долгови и обврски што можат да се обезбедат. Заштитата на инвеститорите се зајакнала преку овозможување на акционерите да бараат поништување на нефер трансакциите помеѓу поврзани субјекти и назначување ревизор да ги испита наводните нерегуларности во работењето на компанијата.

Според Извештајот Дуинг бизнис, Македонија е и една од петте економии што најмногу го затворила јазот со светските добри практики од 2005 година. Во областите почнување бизнис и добивање кредит, таа се рангира помеѓу десетте најдобри економии во светот. Сепак, постојат предизвици, особено во областите на извршувањето на договорите, прекуграничната трговија и регистрацијата на имотот, каде се рангира на 95-то, 89-то и 84-то место од 189 економии.

“Уште еднаш, Република Македонија се докажа дека е лидер во регионот и пошироко во подобрувањето на деловното опкружување, мерено за извештајот Дуинг Бизнис”, вели Татијана Проскурјакова, директор на канцеларијата на Светска банка во Скопје

Македонија е најдобра во Југоисточна Европа и прва во регионот пред Хрватска и Словенија.

Проскурјакова посочува дека тие достигнувања можат да ги надополнат напорите на Владата и приватниот сектор во ублажување на последиците од криза во еврозоната и решавање на ниските стапки на вработеност. Истовремено, остануваат уште предизвици.

Сингапур е на првото место во светското рангирање на леснотијата за водење бизнис. На листата од 10 најдобри економии со најдобри регулативи за водење бизнис се и Хонгконг, ЈАР, Кина, Нов Зеланд, САД, Данска, Малезија, Република Кореа, Грузија, Норвешка и Обединетото Кралство.

Според Дуинг Бизнис економиите кои постигнале најголеми подобрувања во показателите во споредба со претходната година се Украина, Руанда, Русија, Филипини, Косово, Џибути, Брегот на Слоновата Коска, Бурунди, Република Македонија и Гватемала.

Во заедничкиот водечки извештај на Светска банка и ИФЦ се анализираат односите што се однесуваат на бизнисите во економијата во текот на нивниот животен циклус, вклучувајќи го почнувањето и работењето, прекуграничната трговија, плаќањето даноци и решавањето на несолвентноста. Збирниот ранг на леснотијата на водење бизнис се базира на 10 показатели и опфаќа 189 економии.

Дуинг Бизнис не го мери квалитетот на фискалното управување, другите аспекти на макроекономската стабилност, нивото на вештини на работната сила или отпорноста на финансиските системи. Со неговите наоди се стимулираат дебатите за политиките низ целиот свет и се овозможија се пошироки истражувања за тоа како регулативите на ниво на фирма се однесуваат на економските резултати во економиите. Годинешниот извештај е 11-то издание од едицијата на светскиот извештај Дуинг Бизнис.