Македонија, можна дестинација за инвестирање на француските бизнисмени

20

Успешни француски бизнисмени по форумот во Париз за презентација на можностите за инвестирање во Македонија изјавија дека Македонија е добро место за инвестирање и најавија можни инвестиции.
„Не сме тука да го подобриме имиџот на Македонија, туку да зборуваме за тоа што Македонија навистина е. Македонија е навистина добро место за инвестирање. Јас бев во март и бев многу импресиониран од тоа колку е лесно да се среќаваш со луѓето кои ќе те запознаваат со бизнисмени и со секој што сакаш и притоа ќе те информираат за поволностите и се друго што те интересира. Исто така бев воодушевен од тоа колку е лесно да се снајдеш, бидејќи многу луѓе говорат англиски, што ме изненади и што е голема помош и важен фактор“, рече Мајкл Качински, уредник на ФДИ.
Качински додава дека иницијативите се секогаш од голема помош за привлекување инвестиции, како што се олеснувањата со таксите, помошта со инфраструктурата, како и слободните економски зони.
Бизнисменот Роберт Вилоуби од Кемет Електроникс исто така ја посочи Македонија како земја со добра бизнис клима.
„Баравме конкурентна локација од каде ќе ги снабдуваме нашите конкуренти во Европа. Направивме евалуација на шест земји во Источна Европа и на Балканот и Македонија беше нашиот избор“, рече Вилоуби.
Покрај тоа појасни дека барале и вистинска работна сила и добро обучен кадар.
„Цената на работната сила, нејзината способност, сите овие работи креираат добра бизнис клима. Македонија ја имаше најдобрата“, истакна Вилоуби.
Уште двајца француски бизнисмени најавија дека ќе ја разгледаат можноста за инвестирање во Македонија.
За Жан Клод Бонтас од Леман Индустри од автомобилскиот сектор, Македонија е поволно и лесно место за инвестирање во Европа. Сличен став има и Жан Бутшо од компанија за изработка на бродски софтвер, кој оцени дека Македонија многу ветува во поглед на инвестирањето.