Македонија на 37-мо место по е-фрикција

42

На денешната Google и Goclick конференција за современ маркетинг, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, во своето обраќање истакна дека современиот маркетинг, а пред сè интернет маркетингот, претставуваат моќно средство во денешниот свет без кое не може да се замисли општественото општење, водењето на бизнисот и севкупниот развој на една земја.

„Глобалната компјутерска мрежа, како и развојот на широкопојасниот интернет го поттикнуваат понатамошното ширење на глобалниот пазар, создавајќи една нова економија. Нема да биде погрешно доколку кажеме и дека интернетот претставува основа за креирање на еден економски поредок во светот, кој настана како резултат на примената на компјутерските, телекомуникациските и мултимедијалните технологии”, рече Ивановски.

Според анализата на Бостон консалтинг груп која опфаќа рангирање на 65 земји во светот, Македонија е рангирана на 37-то место по е-фрикција, односно факторот кој може да ги ограничи потрошувачите, приватниот сектор и други субјекти во нивното целосно партиципирање во националната и интернационалната интернет економија.

„Тоа е високо достигнување за Република Македонија и значи дека сме во групата земји со мал коефициент на е-фрикција или препреки за развој на Е-Македонија. Од четирите подгрупи, најсилни сме во инфраструктурата на 27-мо место. Индексот на е-фрикција е најмал во Шведска, Финска и Данска, додека највисок е во Нигерија, Пакистан и Египет. Земјите со најниска е-фрикција имаат силна инфраструктура и даваат широка поддршка на бизнисот во доменот на интернет економиите”, додаде Ивановски.

Предавања на конференцијата одржаа директорот за развој во Google Adriatic, Дарко Дујиќ, на тема Можностите и трендовите во сферата на интернет маркетинг, потоа стратегот за Google Adwords во Google, Давид Гојо, како и меѓународниот проект менаџер во Goclick, Словенија, Лука Нахбар Цвикел.