Македонија на саемот за туризам во Софија

18

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ) го претстави својот туристички потенцијал на саемот за туризам во Софија во периодот од 13-ти до 15-ти февруари.

Оваа туристичка берза претставува одлична можност за сите учесници да ги претстават и рекламираат своите досегашни туристички продукти и своите нови програми, да остварат корисни бизнис контакти, изјави македонскиот амбасадор Благој Ханџиски.

„Денес, од туристичкиот производ се бара да предложи целогодишен културен, спа, релаксирачки, еко и хоби – туризам. Денес туризмот прерасна во една од најважните економски гранки во сите земји. Од тука, тоа што треба да се прави на владино ниво е обезбедувањето на побрз и посигурен достап до туристичките центри во двете земји. Mинатата година се формираше Македонско-бугарската трговска комара, која работи за подобрувањето на условите за зголемување на трговската размена. Сите тие мерки и позитивната атмосфера меѓу двете држави и покрај кризата, секојдневно придонесуваа да постигнеме зголемување на трговската размена. Според минатогодишната анкета на Трговско – индустриската комора на Бугарија, Македонија се најде на третото место на листат посакувани дестинации за правење на бизнис и инвестиции”, изјавил Ханџиски.

„Според податоците на државниот завод за статистика, бројот на странски туристи е зголемен за 15%, додека бројот на бугарски туристи кои дошле во Македонија е зголемен за неверојатни 15,5%. Овие извонредни бројки покажуваат дека соработката на Македонија и Бугарија е на многу високо ниво, за што се надеваме дека оваа тенденција на пораст ќе остане и во иднина, бидејќи имаме високи очекувања од овој пазар. Бугарија во овој момент е рангирана на петто место по бројот на туристи, веднаш по Турција, Србија, Холандија”, рече директорот на АППТ, Христијан Џамбазовски.

На саемот за туризам во Бугарија, Република Македонија се претстави во нов дизајн на штандот и нови промотивни материјали.

„Оваа година Република Македонија има нова креатива во поглед на штандот и промотивните материјали. Во 2014-та година ќе ги комуницираме сетилата за кои сметаме дека доколку ја посетите Македонија, сите ќе ги задоволите. Сé беше во знакот на сетилата, а бројот на посетителите и интересот што го пријавија за Македонија, ни покажаа дека сме ја завршиле задачата повеќе од успешно”, изјави Маја Глигоровска, портпарол на АППТ.

Саемот за туризам во Бугарија е седми по ред на кој АППТ ја претстави Република Македонија оваа година. Во наредниот период, Македонија ќе биде присутна на саемите за туризам во уште осум држави низ светот.