Македонија потпиша договор за соработка со Форбс

17

1ecbfacd-865a-41e8-bb8e-4d710990379cПо средбата на премиерот Никола Груевски со потпретседателот на корпорацијата Форбс, Кристофер Форбс во САД, беше потпишан Договор за соработка на полето на привлекувањето на странските инвестиции помеѓу Република Македонија и корпорацијата.

На средбата и претходеа разговари за можностите за остварување на соработка на полето на привлекувањето на странски инвестиции во државава и во областа на советувањето за реализација на економските политики.

Со Договорот е предвидено корпорацијата Форбс да учествува во организацијата на бизнис форуми на кои Република Македонија ќе ги презентира поволностите и можностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори. Потоа, ангажман на корпорацијата Форбс во обезбедување на компании кои присуствуваат на бизнис форумите, а кои се заинтересирани за ширење на своите капацитети и лобирање кон нив, како и маркетинг на корпорацијата во интерес на нашата земја во насока на промоција на македонските потенцијали за привлекување на странски инвестиции.

Во име на нашата земја договорот го потпиша директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, а од име на корпорацијата Форбс, Кристијан Форбс.

Премиерот Груевски позитивно ја оцени претстојната соработка со влијателниот светски бизнис магазин Форбс.

“Се работи, пред се, за соработка која што ќе биде во правец на организирање на наша презентација пред поголем број на бизнисмени и компании во три града, Њујорк, Лондон и Лос Анџелес, презентација пред значајни квалитетни инвеститори од аспект на тоа дека се работи за крупни и богати инвеститори, пред кои што Македонија ќе се претстави, а ќе биде во организација на Форбс бидејќи тие се и нивни клиенти и нивни добри и познати компании со кои тие со години соработуваат. Компаниите ќе бидат поканети од страна на Форбс, а Македонија ќе биде таа што ќе изврши презентација”, изјави премиерот Груевски по потпишувањето на Договорот.

Премиерот додаде, дека ќе има соработка и во делот на нивниот основен бизнис, а тоа е магазинот Форбс каде што во различни месеци ќе има вкупно осум изданија на цела страница за Македонија и нашите поволности за инвеститорите.

Кристијан Форбс даде позитивни оценки за македонските активности за привлекување на странски инвестиции, и изрази големи очекувања од претстојната соработка со Република Македонија.

“Ние сме среќни што ќе работиме со Македонија и ќе ги промовираме можностите кои ги овозможува Македонија, како што е неверојатно добриот даночен режим, рамниот данок што како стратегии Форбс ги поддржува, како и пријателската бизнис околина која што можеби некои локални светски бизнис лидери не ја познаваат, и ние ќе работиме со македонската Влада за да ја промовираме таа порака”, изјави потпретседателот на Форбс по потпишувањето.

Мизо со потенцираше дека со Договорот ќе се засили логистиката на македонските активности за привлекување на странски инвестиции.

“Тоа што Форбс ќе биде наш партнер е многу важно затоа што тогаш компаниите нас не гледаат како земја која го добива оној печат од страна на Форбс бидејќи Форбс верува во она што ние го правиме. Истовремено е многу важно што нивните идеи се многу слични со нашите од гледна точка на ниски даноци, рамен данок, добра бизнис клима, така што мрежата на Форбс и начинот како да тие можат да ги привлечат тие компании за нас ќе значат многу и она што го работиме веќе шест или седум години на овој начин ќе го реализираме многу подобро”, изјави Мизо.