Македонија претставена на Bit 2014 во Милано, Италија

24

Република Македонија од 13 до 15 февруари 2014 година беше претставена на саемот за туризам Bit 2014 во Милано, Италија.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот одлучи и оваа година континуирано да ја промовира Македонија на овој реномиран саем од областа на туризмот, со цел да се прошири и зголеми заинтересираноста на потенцијалните туристи од Италија.

Македонија како земја со богата историја, култура, религија, архитектура, природа и секако вкусна храна и вино, привлече голем број на посетители кои не останаа рамнодушни од новата атрактивна дестинација на Балканот и пошироко.

Македонските туристички потенцијали беа презентирани на италијанскиот пазар со нов дизајн на штандот, видео материјал од промотивната кампања Macedonia Timeless и нови промотиви материјали изработени за италијанскиот пазар.

Во текот на тридневното промовирање македонскиот штанд беше посетен од туроператори и новинари од Италија, како и од голем број на потенцијални туристи кои покажуваа интерес за религиозниот, културниот туризам и кружните тури низ Балканот вклучувајќи ја и нашата земја.

Саемот Bit 2014 имаше излагачи од 100 земји кои ги промовираа своите туристички потенцијали, присуствуваа над 53.600 професионалци во туризмот, од кои 44% беа туристички агенции и 2.000 новинари.